Борче Панов (1961, Радовиш) е поет, есеист и драмски писател, член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година, како и претседател на меѓународната книжевна манифестација „Караманови средби“. Автор е на 11 поетски книги и 7 драми, една двојазична книга на македонски и бугарски јазик, една книга на словенечки, една – на српски и една на бугарски јазик. Преведен е на над 15 светски јазици и објавуван ширум светот.

ВАВИЛОНСКИ ПРОЗОР

Над едно мало, заборавено сопче – најдолу на земјата,

небото е како вавилонска кула – градови еден над друг поврзани

во неопфатни концентрични прстени што бескрајно се издигаат. Висините најгоре

говорат само еден јазик.

Во тоа малечко сопче, Боже,

се убедував дека ти си тој јазик во чии зборови понекогаш сонуваме,

а се поретко се будиме.

Се прашував,

кога ли во устата почна да ми расте глина,

а на јазикот мов и до кога минатото и иднината

ќе ме болат како чашка и зглоб

што се тријат без рскавецот на сегашноста?

Се прашував, би можел ли Боже,

барем еднаш да сонуваш во моите зборови,

а во твоите да се пробудам јас?

Во еден миг, во стаклото удри птица во лет.

Сепак, и овде е небо, се охрабрив,

и го отворив прозорецот…

СОБА НА МОИТЕ ВРЕМЕНСКИ ЗОНИ

мојата соба ступка ступка

прави склекови

збива збива оти не ѝ се спие

оти промени повеќе временски зони далеку од дома,

ступка ступка – набива земја во темелите

за да си изгради своја куќа

за да побегне низ прозорците, да трча со дрвјата и дождовите

да оди на циркус, да се фати за раце со џуџето Жорш

за да го сврти и прошара сивиот рингишпил на светот

да се фати за летечкиот трапез

да направи салто мортале и да го преживее својот страв

дека ќе го испушти возот на својот ден

и авионот на својот сон

дека нема да се случи уште една катаклизма

или да ја регрутираат во некоја бесмислена војна

или да умре некој што го сакаме

ступка ступка

ја набива молитвата во темелот на уверувањето

дека сè ќе биде како што треба

дека ќе дишеме чист воздух

дека нема некој политичар да ѝ ги урне соништата

дека нема да прими вакцина од која ќе се парализира

збива збива мојата соба

прави склекови

за да ги издржи сите кошмари на улицата

улицата со набабрена вена напукана со хероин

и со белките на очите што  убиваат средношколци

со леснотија како среде комјутерска игра

или цртан филм со птицата итрица – таа луда улица

ступка ступка мојата соба

збива збива оти не ја фаќа сон

се надева се надева

дека нема да умре во некој пензионерски дом

населен со лебарки што и дење го раздвижуваат мракот на ноќта

бега бега собата моја

од една во друга временска зона

каде што сè уште не се случило злото што се случило

збива збива

и сето добро време го набива

во темелите на утрешниот свет

и се моли да не се случи тоа што некаде веќе се случило

што некаде веќе се случило