Бранко Цветкоски (Слатино, Охридско, 21 јуни 1954) е македонски поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач. Автор е на 26 книги поезија, критика и есеистика и публицистика. Во 2014 година се печатени неговите Избрани дела во 6 тома. Објавил  над 30 преведени и препеани книги од видни балкански, европски и светски поети, прозаисти и публицисти, главно репрезенти на словенските литератури. Одделни поетски книги или избори од поетското творешетво на Цветкоски се преведени и објавени на 18 светски јазици. Добитник е на 18 високи македонски и меѓународни литературни награди и признанија како и на Државната награда „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста од интерес за Република Македонија, во 2009 година. Член е на Македонскиот  ПЕН центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Република Македонија и почесен член на Сојузот на бугарските писатели. Еден е од востановителите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач на издавачката куќа „Макавеј“ и на списанието  „Книжевно житие“.

ВЕДРИНАТА НА НЕПОСТОЕЊЕТО

Ти што ги подреди

Според подобие

И според доба и пространство

Тегобите и радостите

Болките и оддишките,

Ти си знаел

Дека и јас ќе бидам роден

И ќе ја исполнам твојата заповед

Целосно

Со зборови и со дела

До последниот блен.

Сепак, кажи ми,

Семоќен

Каде ќе ме изобразиш

За да ме препознаат при пришествието:

Во буквите и гласовите

Или во тишините меѓу нив?

За да останам

Невидлив И бесшумен

БЛЕДОТО ЛИЦЕ НА ОКТАВИО ПАЗ

Со страст ја препрочитувам

Поезијата на Октавио Паз.

Нешто ме гони да откријам потези

Што не сум ги воочил

При претходните раздиплувања.

Долго стојам исправен среде патот

И им пречам на сите

Што влегуваат

Или се враќаат од текстот

Како од замаглен ан на мисли и сновиденија

Во пепелава пустина.

А тој останува блед во својата извесност

Не се поместува од поентите

И знае дека е жив

Само меѓу две загради

Додека занавек остануваат нестварни

Светлината бела

Раката што пишува

Очите што го гледаат напишаното.

Без разлика што ниту него

Ниту мене

Во следниот прочит

И во пораката

Веќе ќе нè нема!