Вања Изова Велева, е македонска поетеса, есеист, публицист од Струмица. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на групата Македонска книжевност со јужнословенски книжевности. Магистер е по културологија. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 год.  Автор е на 9 книги поезија, една книга прозни записи, на документарен филм. Застапена е во повеќе антологии. Дел од нејзината поезија е препеана на: англиски, француски, српски, словенечки, бугарски, шпански, полки и руски јазик.

СРЕЌАВАЊА

Се среќаваме во заминување

секој секому го мери чекорот

од туѓото мерење забораваме на своето.

Се среќаваме заради навика,

а попречуваме од незнаење

Секое среќавање е зад грб

со мисла пакувана.

Се среќаваме случајно

лажно радувајќи се

лажно чекајќи го повторното видување

Нашите средби се за да не се сретнеме

Оти се научивме на самотија

Оти се научивме на исчекување

ШЕЌЕРНА ПЕСНА

Сè уште го паметам

вкусот на шеќерот што баба ми

 го ронеше врз парчето леб.

Секое зрно беше зрно – љубов

насмевка и спокој.

Го паметам белиот шеќер

од  детството ми со грст вода наросен

за да не се распрска под ноздрите

и растури некаде.

Белата блажина на баба ми

беше моја бела насмевка

време срцето да одмори од долгото играње.

Ја паметам растреперената рака

на баба ми која толку вешто

 играше со шеќерот

небаре го прави најубавиот колач на светот

Тогаш имавме и кога немавме

Денес само го паметам

вкусот на шеќерот што баба ми

 го ронеше врз парчето леб

и раскажувам за да потсетам

дека и  кога немаше,  имаше сè.