Венко Андоновски (Куманово, 1964) е прозаист, драмски писател, критичар, есеист, теоретичар на литературата, поет, антологичар, полемичар, преведувач. Работи како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.Автор е на: Нежното срце на варварот“ (поезија, 1986), на книгите со  раскази: „Квартот на лиричарите“ (1989), „Фрески и гротески“ (1993), „Припитомување на кучката“ (2018), на романите: „Азбука на непослушните“ (1994), „Папокот на светот“ (2000), „Вештица“ (2006), „Ќерката на математичарот / 33, 33“ (2013), како и на драмите: „Адска машина“ (1983), „Бунт во домот за старци“ (1994), „Словенскиот ковчег (1998) „Црни куклички“ (2000), „Кандид во земјата на чудата“ (2001), „Кинегонда во Карлаленд“ (2006), „Граница“ (2008), „Светица на темнината“ (2010), „Олово на перница“ (2010). Венко Андонвоски е автори и на книгите критика: „Матошевите ѕвона“ (1996), „Текстовни процеси“ (1997), „Структура на македонскиот реалистичен роман (1997), Дешифрирања (2000) Добитник е на сите македонски награди за проза и драма, како и на меѓународната награда „Балканика“ за романот „Папокот на светот“. Преведуван е на повеќе јазици. Член е на македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.

Избор цитати и мисли од негови дела:

„Те сонував седната на кришка месечина, како на лулашка закачена со невидливи ортоми за небото; се нишаше свивајќи ги намачените колена што блескаа во мракот, а ти јадеше ѕвезди како вишни со мастилавите усни.“ – Вештица

„Оти кажано е: господар си им на оние зборови што уште не излегле од твојата уста, а роб на оние што ја напуштиле.” – Вештица

„Но Бог е умен; тој не е инквизитор, па не го прогонува, нито трајно го победува нечестивиот; оти што би правел Бог, што би правеле неговите луѓе, кога би го немало ѓаволот? Како би бил тој видлив ако нема ѓавол; како би знаеле дека е Бог добар, ако нема зло за споредба? Оти Бог е светлина, а нечестивиот темнина; а темнината не е воопшто лоша и непотребна, туку нужна; и колку е ноќта поцрна, толку посјајни се ѕвездите; колку е болката подлабока, сè повидлив е Бог!” – Вештица

„Книгата е страсна оти копнежот го опишува: несреќен си додека копнееш по целото, како оние први редови во таквата книга; и колку расте копнежот по значение, толку растат и редовите, за конечно среќата да биде еден миг, редот среден, најисполнет; и потем пак копнежот се гаси додека не исчезне. И така се одново, со секоја нова страница: копнеж, миг, среќа и гаснење на копнежот…“

„Пламенот кога се дели, се умножува како и љубовта, мил мој; оган е љубовта, оти колку повеќе го даваш, толку повеќе го имаш.“

„Со секоја солза на читателот, ја губат невиноста и приказната, и оној кој ја чита и обљубува со солзи. Така е тоа, затоа што писателот со крв ја пишува, а читателот со солзи ја допишува приказната.“

“Се, освен љубовта и пламенот, е деливо со два. Подели леб на две – добиваш две половини. Подели шише вино на два – добиваш две половини од еден литар. Но, подели пламен од свеќа на две – добиваш две цели, два цели пламена. Ниедна свеќа од која палиш друга нема да даде половина пламен. Ќе ù го даде цел на другата свеќа. Од едно цело – две цели! Каде ја има таа математика на друго место, освен кај пламенот?! – Вештица.