Весна Ацевска (Скопје, 10.11.1952) – поетеса, авторка на романи за деца и младина. Преведува од словенски јазици. Член е на Сојузот на писателите на Македонија; член на Македонскиот ПЕН-центар, каде што е член во Управниот одбор; член на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија; член на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ од Финска; и член на Славјанска литературна и уметничка академија од Варна, Република Бугарија. Објавила 8 книги поезија и еден поетски избор на македонски јазик, а девет избори се публикувани на англиски, албански, бугарски, романски, полски српски, турски и хрватски, јазик. Застапена е во разни антологии на македонската поезија објавени во земјава и во странство. Ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ (2009) и „Ацо Шопов“ (2012). Објавила три романи за деца и младина. За преведувачката дејност двапати ја добила наградата „Григор Прличев“ (2000 и 2009), како и признание од „Калеваласеура“ во Финска (2000). Носител е на државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста во Република Македонија (2016).

Овде и сега

Слапот фотони слеан низ мрачната инка

го пламнува без оган факелот што отвора

пат во свет пресликан на необично платно,

скриен зад решетки од преплетени коски

меѓу мрачното јаве и светлиот сон,

каде што ѕвонот од часовникот

е точниот клуч за невидливата брава

на кафезот за жар-птица, грлица

што слетува бесшумно пред тебе,

се исправа и пее со чисто грло

од кое се слеваат два гласа,

едниот водоскоклив за ден сведен,

другиот ромонлив за доба со мрак.

КРИЛ

На оваа рамнина, зрна песок

се точките што се слеваат низ прсти,

раскрилен крил на планини вода

што жнее длабоки ледени гребени, 

свилен цут на свивливи ливади

втиснат во немите очни ириси

свртени кон шумливото море

во дворот што ја најавува есента,

кон млечните облаци што зреат

до мигот кога здивените јата

тргнуваат во разуздан пир

да го обезглават пирејот,

никнат во несогледливиот свет

каде што изгрева и заоѓа безмерноста.