Весна Мундишевска-Велјановска (1973, Битола) е член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Битолскиот книжевен круг. Автор е на 13 книги поезија, 2 книги со критичко-есеистички текстови и коавтор на книга поезија за деца, а (ко)автор е и на 6 стручни книги. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Уредила повеќе списанија, книги и зборници. Застапувана е во антологии. Добитник е на повеќе награди. Наградата „Караманов“ ја освои во 2007 г. за книгата „Вибрации на духот“.

Т

На коскенаТа плоча

од ТерезијаТа на градниоТ кош

врвовиТе на прсТиТе ги вкопувам

во шТиТникоТ на дишењеТо.

Со кружни движења ја масирам

згруТченаТа вкочанеТосТ

сѐ додека кругоТ на олеснувањеТо

не се издолжи плочесТо

и не си го најде своеТо месТо

зглобувајќи се со ’рскавициТе од ребраТа

како враТоврска со лабава подврска.

РасТегнаТаТа Тежина како Тег доТежува

аааааах

аааах  Таа

Т

Тежи

Тежнеејќи да биде

ТежишТе

и ушТе

Тежа за рамноТежа

кога во лифТоТ на ТелоТо

на горниоТ спраТ

ќе заглаваТ голТкаТа и подголТнувањеТо,

кога со усвиТеносТ на ТаТнежиТе

ќе се допраТ    

полнежиТе на намераТа и случувањеТо,

кога ќе се изненади изненадувањеТо,

Т сТанува Топоним

за ценТароТ на свеТоТ

компримиран меѓу оградиТе

од паралелниТе рамнини

на вдишувањеТо и издишувањеТо

вкоТвени во срцеТо на градиТе.

НА КРСТОСНИЦА

На квантната крстосница

од подзагубеното постоење

нема семафори

за регулација на нашата отсутност.

Во времето што навидум стои

трпеливото исчекување

на нашето спознание

е сеприсутност.

На тротоарот на неодлучноста

секоја честичка енергија

лебди во неизвесност.

Со секој одек на секундарникот

од преткомората на срцето

го програмираме алгоритмот

на нашата стварност.

   Ако впишеме тага – тажни ќе сме,

   ако избереме среќа – таа ќе е сè,

   ако вкодираме спокој – дофатен е. 

Во зенитот

на контрастното (о)понирање,

нашите очекувања

се димензионирани претстави

на идните самодизајнирани

  остварувања.