Даниела Андоновска-Трајковска (3.02. 1979, Битола) е поет, прозаист, книжевен критичар, уредник на списанија, доктор на науки и редовен професор по методика на наставата по јазик и книжевност на Универзитетот Св. „Климент Охридски“ Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, „Битолски книжевен круг“, на повеќе меѓународни професионални тела и уредувачки одбори на списанија и конференции, член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет), уредник на списанијата „Раст“, „Современи дијалози“ и „Книжевни елементи. Има објавено над 100 научни трудови, книжевни рецензии и осврти, 8 поетски книги, една книга со раскази, една коавторска песнарка-сликовница и еден универзитетски учебник. Добитник е на неколку книжевни награди меѓу кои: Носиде (Италија, 2011), Караманов 2019 за поетската книга „Електронска крв“, „Крсте Чачански“ за проза (2019), „Празник на липите“ (2018). Преведена е на над 15 јазици и објавувана во антологии и книжевни списанија.

ЖИВОТ НА ЕДНА ПРАВА

многу луѓе цел живот живеат на една права

стануваат во 6                              

со солени точки во очите

одат на работа во 7 и 30                              

со периферни агливо мислите

во 10 и 30 пијат кафе  – окото на ѕидот им ги брои степените

во 16 се враќаат дома – на чекор поблиску до нулата

во 17 играат пинг-понг на трепезариската маса

                   – играта се умножува во огледалото

                         а зборовите паѓаат под дробната црта

во 18 ги кријат остатоците од своите поделени мисли

во 20 плачат по изгубениот ден и си ветуваат дека

       од  утре ќе почнат да дишат во повеќе од две димензии

во 22 заспиваат на X-оската пред телевизорот

во 03 се преместуваат во спалната соба

                                   и таму ја продолжуваат правата

од една точка до друга

од една отсечка до друга

многу луѓе не знаат дека цел живот живеат                                         

само на една права

ЕЛЕКТРОНСКИ КВАДРИПЛЕГИЧАРИ

се прашувам колку би живееле

без електронските бели дробови

на кои сме закачени со телото што не е наше

– квадриплегичари со инфрацрвена светлина во главата

без правосмукалката со која ја собираме пајажината

во аглите на нашата свест на која не ѝ дозволуваме

да излезе надвор без пудра на лицето

без сијалицата на која ѝ се поклонуваме како на богот Сонце

без машината за месење леб

која нѐ храни со глутен и со адитиви со ознака Е-215

зашто не може да удри со тестото по масата

за да го омекне тврдото срце на човештвото

и за да ни стане јасно дека само така може да се зароби воздухот како адитив од едно старо време без кое сме никој и ништо

без мегапикселите со кои го гледаме светот

и без кои сме слепи

без ви-фито со кое зборуваме на сите јазици одеднаш

и со кое сме знајни, но не и мудри

и сме познати лица кои живеат во конзерва

колку би живееле без протокот на електронската крв

во нашите фацијални жилички

без чипуваната демократија

која нѐ носи в џеб постојано

за да може да ни се јави секогаш

кога ќе ѝ притребаме за да биде слободна