ЕРИК ОНДРЕЈИЧКА (1964, Братислава) е автор на шест поетски збирки за возрасни и две книги за деца. Со музичарот М. Железњак создал музичко-поетски ЦД со наслов 5 совршености и други песни (2008). Активно соработува и со ликовни уметници и ко-автор е на неколку ликовно-поетски изложби. Врз основа на поетските текстови на Е. Ондрејичка се снимени повеќе од десет ЦД дискови. Наградуван дома и во странство. Учесник на голем број меѓународни книжевни фестивали. Преведуван на неколку странски јазици. Член е на словачкиот ПЕН центар и на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка. 

СО ПТИЧЈИ ПЕРДУВ

штета

што повеќе не се пишуваат песни со птичји пердув

Можеби во нив ќе имаше повеќе ветер

што како самрак ќе полеташе зад хоризонтот

за потоа само така да се врати

како нешто од далечината

од височината

и од длабочината на појавите

за кое не постојат зборови

нешто што лесно и прецизно

слегува во водата

и се спојува со песната

во која штотуку патува морето

Кога зборовите би поминале низ птичјиот пердув

можеби во нив од небото ќе влезе

нешто бесценето

што не ќе може да го порекне ниту човекот

Уште еден обид за Евридика

(Ešte jeden pokus o Euridiku)

Пуштете ме за миг кај вас

на местото

кајшто ништо не ја нарушува починката на мртвите

кајшто не изгрева времето

и не заоѓаат зборовите гласовити

на местото

кајшто бескрајната површина на универзумот

полека ќе избледне до совршенство

Ветувам

дека на патот назад нема да се свртам

ПОСЛЕДНИОТ СОН

Еднаш можеби сета смеа и солзи

ќе бидат во апсолутна рамнотежа

па јас прочистен од долгата потрага

во првиот неделен трамвај

неочекувано ќе се разбудам

на преминот од продирањето во нештата

Можеби тоа утро

ќе го видам својот двојник

во одамна минато време

колку невешто ги поврзува зборовите

и темноцрвените покриви

во раширениот Стар Град

преекспониран од светнатото Сонце

во целост изложувајќи ја својата убавина

Трговците со уметноста

допрва ќе треба да се родат

а таа ќе стане барем за миг вечна

Препев: Звонко Танески