Ивица Челиковиќ (Скопје, 1962) е поет, раскажувач и преведувач. Сту­дирал новинарство во Скопје и во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на шведските писатели. Добитник е на повеќе награди и признанија.Превел повеќе од триесет дела од познати шведски писатели на маке­донски јазик Преведува и македонска литература на шведски. Добитник е на петгодишна работна стипендија за периодот 2016-2020 година од шведскиот Писателски фонд.

НЕВРАТ ИСТРОШЕН

Најпосле ги гледаме сребрените сводови

наведнати под небесните звуци

над испуканата скудна земја —

дивиот пулс во слепоочниците

запира во трошката надеж

змијата што спие на усвитениот камен

го избриша патот зад себе,

во пределот на бистрите езера

каде што скриени од денот

ѕиркаат гровнати села

очекувајќи ги залудно ѕвездените траги

мртвите души ги следат нашите чекори

нашиот неврат истрошен во заплетканата

моминска коса —

бродот наш чека закотвен

зад сите свиоци и секоја карпа

што крај патот се струпосува —

го сонуваме ли морето со отворени очи?

нашиот тивок очај

бродот наш пеплосан

МОЛК

Многу години го гледав

патот без камења.

Долгиот пат

кој на времето му ја одземаше

кружната слика

на непознат број што доаѓа од Исток,

или од Запад,

во долгите години на молкот —

поради нечија неразјаснета слава

која сите места ги завзема

во очекување да донесе среќа

за оној што не може да биде сфатен,

или отфрлајќи ја горчината,

сомнителното задоволство

како по секое успешно бегство од Адот,

во изгубеното сеќавање

и во ноќта која одеднаш светлина ослободува

врз Хејердаловиот чун што мугрите ги исполнува —

за дијалогот на малубројните да се спаси

и данок да се плати во заборавот.