Иван (Ивица) Џепароски (1958) е естетичар, теоретичар на културата, доктор на науки, поет и критичар. Автор е на триесет книги, и тоа: на 7 поетски книги, на 14 книги од областа на естетиката и на културната теорија, на 3 поетски антологии и на 6теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по Естетика и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004-2009; 2013-2020) и секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар (1999-2001; 2008-2014). Неговите дела се преведени во посебни книги на над дваесет странски јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во превод на англиски, бугарски, српски, албански и романски јазик. Неговата антологија „Македонскиот есеј“ преведена е на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик, а книгата „Уметничкото дело“ на албански јазик.

ЗАВИСТ

Им завидувам на колегите
универзитетски професори
кои читаат на предавањата
од пожолтените листови
испишани пред многу години
кога тие биле млади.

Им завидувам на поповите
кои добро си ја познаваат
и наизуст си ја владеат
својата единствена книга,
без оглед што таа е
долговечна и света.

Им завидувам на политичарите
што единствено знаат
да ги повторуваат зборовите
од своите програми
со постојано навраќање
кон економијата, Европа и НАТО.

Им завидувам на македонските
прочуени писатели кои освен
сопственото генијално дело,
и делата на истомислениците,
не прочитале ништо друго
а мислат дека сè си знаат.

Им завидувам на бизнисмените
што ги читаат Куељо и Ден Браун
како врв на книжевноста во светот
и со таквата лектира се фалат
низ седмичните семејни магазини
исполнети со возбудливи содржини.

Им завидувам на оние што возат
прескапи автомобили и џипови
а пепелниците ги испразнуваат
на улици пред семафори,
додека пластичните шишиња
ги фрлаат возејќи низ природа.

Им завидувам на сите оние
што купуваат (или добиваат)
најскапи билети за концерти
на музичари со светска слава,
а потем ракоплескаат меѓу ставовите
фаќајќи со нозете ритам.

Им завидувам на сите нив,
а се радувам и се чудам
како воопшто сум опстојал
и не сум станал досега еден од нив!