Ацо Караманов е роден во Радовиш на 31 јануари 1927 г. како најстаро дете во семејството на Софија и Васил Караманови, но по неговото раѓање се преселиле во Белград, а потоа и на други места во Србија каде го завршил основното образование. Подоцна се преселиле во Скопје, а на крајот на учебната 1937/38 година, Караманов се запишал во Првата машка скопска гимназија каде учел на српски јазик, а подоцна со почетокот на Втората Светска Војна – на бугарски јазик. Самостојно систематично работел врз своето книжевно образование читајќи југословенска и светска класика, но и бугарски поети, а забелешките по читањето ги запишувал во тетратка, т.н. „Лектира“. Во 1941 се вклучил во СКОЈ, а кон крајот на мај 1944 година заедно со семејството се преселил во родниот Радовиш. На почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата македонска народна бригада каде партизанувал само 32 дена, до неговата херојска смрт во ноќта меѓу 10 и 11 октомври 1944. За време на својот краток живот од 17 години Караманов не успеал да издаде ни една збирка песни, но од него се сочувани околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки.

Кога имал само три месеци, неговото семејство го напуштило родното место поради службата на таткото и отишле прво во Белград, потоа и во други места низ Србија, но во с. Велико Орашје се задржале повеќе години. Таму Ацо го завршил основното образование и благодарение на неговиот учител Александар Лешњанин кај малиот Караманов рано се јавила љубовта кон литературата. Своите први стихови тој ги напишал уште во второ одделение, односно на 9-годишна возраст.

Ацо Kараманов – стои лево во морнарска облека со наставникот Александар Лешњанин

Согледувајќи ги предиспозициите на Ацо Караманов, неговиот учител лично го одвел да го полага приемниот испит во гимназијата во Смедерево кој го положил со одличен успех. Во прво време, тој живеел сам со мајка му во Смедерево, а потоа кога татко му добил служба во Скопје, се преселиле во Македонија. При крајот на учебната 1937/38 година се запишал во Првата машка скопска гимназија.

Во 1941 се вклучил во СКОЈ и активно учествувал во растурање летоци и други акции. Кон крајот на мај 1944 година, семејството се преселило во родниот Радовиш. На почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата Македонска народна бригада каде партизанувал само 32 дена. Караманов загинал на 7 октомври 1944, кај с. Смојмирово, Беровско, во борба против германските фашисти.

ПСАЛМ ЗА M-LLE LILI

Сега сум сам во својата соба и затоа ви пишувам.
Мојата соба е мрачна, мојата соба е тажна,
и само моето жолто перо шумоли по хартијата
радосно, како вљубено врапче.
Затоа, mademoiselle чујте ги моите стихови,
иако не се доволно испеглани
да капнуваат
како eau de cologne,
во вашето нежно, плус тоа, музикално уво.

Можеби ќе ви бидам толку прост
како чкрипањето на селска кола,
а вие толку убави
со нашминкани усни и душа
како портокал грчки.
Вие што имате 32 заба и фустан со боја на `рѓосано злато,
вие, чиишто гради се премногу тесни да го
пропуштат сонцето,
вие, чијшто глас ѕвони како три хавајски мандолини,
чијшто глас е сладок како mocca torta,
слушнете ги сега моиве зборови, потопли од козјо млеко:
јас ли сум виновен што улиците на мојата душа се
ширум отворени
за оние што сакаат повеќе леб, повеќе сонце и небо.

Гледајте, моите очи имаат блесок на вашите
лакирани чевли,
моите уши се црвени од радост, како социјалистичкото
знаме,
зашто јас сум пијан од вашиот глас и поглед.

— Како се осмелувате?
— Но, mademoiselle,
та вашиот глас ми донесува три и пол кила радост,
и, иако сте поздодевна од стилот на Хорацие,
јас ве сакам повеќе од своите цокули, црни како
мртовечки коли,
па дури и повеќе,
повеќе од моето кученце што се вика Bubi
и грациозно лае: ав, ав, ав!

Mademoiselle, јас сум сам во собава
и ве прашувам:
зошто вашиот поглед е посладок од бонбоните Nestley,
зошто мојот глас, што ѕвони како селска камбана
трепери како беззаб и белобрад старец
кога ќе ве видам и поздравам:
Bonjour, m-lle Lili!

Но, вие не сте сама. Кај вас има журка.
Кај вас има 15 гости, 1253 раскокодакани зборови,
15 ,,добредојдовте“ и 15 ,,како сте“,
15 цилиндри, + 15 празни мозоци, + 15 дебели черепи,
кај вас се: баталјон фрази готови за старт,
кај вас се 15 * 2 = 30 бели ракавици,
кај вас е: журка, журка, журка.
Но јас нема да дојдам кај вас,
зашто немам цилиндер, ракавици, ,,Благодарам на
прашањето, арен сум“
Затоа чујте:
Нема да дојдам кај вас, туку ќе ви напишам едно писмо,
добродушно, како магарешки уши.
А ако вие не ми одговорите,
тогаш од жал и кивавица
ќе се најадам конзервирани сардини,
Франсис – Жамови елегии
и Андерсенови бајки.

И смртно ќе се разболам од љубов,
па ќе го земам своето кученце Bubi,
ќе го бакнам во муцката
и заедно ќе залаеме од жал и љубов,
вака:
Ав, ав, ав!
Ау, ау, ау!

Поетското творештво на Ацо Караманов е поделено на пет периоди: први обиди, рана фаза, лириката во 1942, поетски остварувања во 1943 и последна творечка фаза.

Први обиди: Своите први стихови ги пишува уште во второ одделение, но за жал подоцна ги уништил.

Во раната фаза (1941 година) прави рекапитулација на своето дотогашно творештво и составува збирка без наслов од над 70 песни меѓу кои и: „А тој леташе понатаму“, „Мравка на големиот црвен трендафил“, „Утринска песна“, како и, „Псалм за m-lle Lili“. Лириката во 1942 год. опфаќа 164 поетски текстови напишани на бугарски во кои се забележуваат душевни превирања со мрачни мотиви, но и љубовни и историски. Поезијата во 1943 год. опфаќа социјални, но и борбени мотиви, а се препознава чувството за заедништво и припаѓање на колективот. Караманов пишувал и песни во проза, неколку раскази, роман, како и дневници во кои ги запишувал секојдневните настроенија.

Цртеж од Караманов – замислен лик од роман што го читал

ПРИКАЗНА

.           на мојот другар мишко

         (академик Милан Ѓурчинов)

 
1.

Во полусјај на денот, кога магла ледна

ги покрива видиците и врз градот паѓа,

чувствувам дека нешто во мене се раѓа,

тажно, како трепет на гранки што се веднат

под товар од снег, од мраз и од зима.

Излегувам тивко… Никој наоколу нема,

чекорите мои тонат во млечната пена.

Мир. Три врани само на оџакот дремат

Витка голи гранки ветрот што се кренал.

Чекорам. Ветрот и враните си го кажуваат јадот,

ко есенски шуштеж – во срцето тага.

Како мермер неподвижен молчи сега градот

Сосе радостите што одминале без трага.

Чекорам. Во срцето, како во храм сенест,

очајот слегува во овој свод темен,

а душата што пека по виножитен венец

го чувствува мракот не гроб црн и лемен

во кој лежи она што сакало полет,

што цутело тивко, како цвеќе в пролет.

Чекорам. А чекорот мој е само еден трепет

во снегот бел што со шуштење на свила

поздрави му праќа на мракот што шепне,

на бледите далечини, на птици што крилат.

Седнувам на клупа во паркот. Градот молчи

во мракот. Над мене тишината крилата ги шири

како бела птица што од далеку, без почин,

долетала и сега нема свој кат да се смири.

Ги креваат како раце безлисните дрвја

гранките кон небото што спокојно спие.

Гонети од ветрот темни сенки врват

и се раздиплуваат како клопче тие.

Под моите нозе е жолт лист во снегот,

кренат како дланка од замрзната рака,

копнежи и чекања го измориле него

и умира тој тивко од мраз и од мака.

Го земам. Низ шумот негов како да се слуша

нешто на јазикот со кој молкот збори.

Како гранка гола плаче душа моја,

копнежите нејзини зимата ги мори.

Душата ми плаче како гранка клета.

Успокој се душо, избриши си очи,

нека насмевка низ усните ти лета –

не сме сами веќе, не сме сами, почуј.

Успокој се, душо, – јас и листе мало

од една сме мајка, двајца браќа исти.

Успокој се, душо, и не плачи жално,

надежите уште се светли и чисти.

Усните ги веднам кон мртвиот син убав

на пролетта и сонцето, да му дадам бакнеж.

И мракот и студот од душата се губат

и сјајот на сините врвови пак јакне.

Бакнежот мој шуми врз листот што е свенат…

О, свилени шепотења, како радост врели,

во кои копнежите како птици пеат,

ми капнаа в срце, безгласни и бели,

ме бакнаа в лице со сончева смеа.

И како се слејуваме одеднаш јас сетив,

листето и јас, две капки на вечност бескрајна,

– два акорда на радости и на маки клети –

во псалм на љубовта и топла и сјајна.

2.

И некој ми шепна: „Чуј, треба да сакаш!“

Кој го рече тоа? Гранки што се сплеле?

Бесрајот на небото – таа мртва млака?

Листето? Или денот мртов се огласи со лелек?

Да! Треба сè да сакаш! Сè што живее, љуби,

што страда и пее,

сè што чува надеж и што сонце чека,

сè што солзи в радост и во болка лее,

сè што паѓа и се крева, што вика и пека.

Да! Треба да се сака! Сè: сите далечини

што во синилото надежите ги кријат,

чадот од оџакот, врвовите сини

и сончевите искри што во сјајот вријат;

и лизгавиот трепет на птичјото јато,

липотите на срцето, крикот на градите нежни,

и пурпурот блескав на утринското злато,

и снегулките што врнат врз полињата снежни.

Да, треба да сакаш! Сè, сè што носи живот,

и доверба имај кон сè што расте, лази, прета,

пеј со потокот, сонувај со полето диво,

шуми со класјето, со облакот летај.

Речи им ја болката и топлата радост

на синилото што низ небото тече,

на трепетот на утрото пролетно и младо

и на светулките од мајската вечер.

О, шумолење на гранки, о, бел сјај на снегот!

Чујте ми ја радоста но и јадот колнат:

снегулки сме на вечноста, во пад брз и бегол,

песната со болка и радост ни е полна.

О, снегулко сјајна, сестро моја бела,

топлина ти давам со рацете врели.

О, небо, бакни ни ги стушените чела,

разбуди ни во градите рој копнежи смели,

крени ги во лет, бестрашен и блескав,

над нашите глави, кон синиот бескрај!

3.

Браќа мои, луѓе, песна за вас пеам,

песна за снегулки, за сјај што се точи,

за лисја што шумат, за води што се леат,

за зора да самне во вашите очи,

да се смеша блесок со вашата смеа.

Песнава чујте ја, браќа мои,

и со срце полно со радости плипот,

со широчина на вашите распеани гради,

поздрав испратете низ песна и липот

до сè што со болка и радост се пои.

Пуштете го срцето смело нека летне

в дални далечини, со птиците, леко,

и вашата душа, како мало дете,

ќе ја пие радоста како чисто млеко.

Со срца, очи, гради замаеност полни,

ведри како спокој над житото младо,

ќе пеете со жар под небата волни,

среќни како сонце и луди од радост.

Ведри како пладне во пролетна тивкост,

ќе имате души престорени во химни,

распеани, топли, како ластовички цивкот,

со чудесен бел сјај како видиците зимни.

В живот, в живот бурен – ко реки што течат,

ко крената рака, ко пролетен крик гласен,

ко мечти за небо кога солзи течат…

Академик Милан Ѓурчинов на Третите Караманови поетски средби во Радовиш во 1970 г.

Од  Дневникот на Ацо Караманов:

31.1.1944, Радовиш

 Денес полнам 17 години. Дали јас тоа полнам 17 години? О, не! Тоа ние, ние полниме, ние – деловите на едно битие коешто се вика А.К. – тоа сме ние: А.К. поетот, А.К. скептикот, А. К. човекот….

А.К. поет. Тоа е петгодишно невино детенце со големи сини очи, босо, со разбушавена коса. И јас знам: тоа секогаш ќе остане дете. Во неговите малечки ноздри секогаш трепери силниот мирис на далечината, во неговите очи ги огледуваат своите лица пенливиот оган на румените утра и ведрите, пијани занеси на сините ноќи! Секоја ѕвезда оставила по еден блед, топол зрак во нив – затоа се толку топли. Тој сака да разговара со дрвјата, да пее и скока со ветрот, да плаче со липањето на жуборот на есенските матни води, да плете на зима радосно, радосно, заедно со снегулките и да се прпелка во снегот. Тој сака сè! Дали и него го сакаат сите? Тоа мало петгодишно детенце! Колку многу го сакам?! О, мало дете со сини очи, кажи ми зошто плачеш, гледајќи ги гладните треперења на вечно испружената рака на оние коишто страдаат? Зошто сакаш да шеташ по аглите на градот и да ги гледаш тие вечно гладни очи, тие измачени модри гради коишто ги испива глад, сите тие ранети раце, сите тие сини, искривени усни кои шепотат? Ти мало петгодишно дете кое си добило срце само за да може да го раздадеш на другите, ти – брат на снегулките, ти – кој плачеш гледајќи ги оние кои страдаат, ти – кој ја сакаш и најмалата тревка, кој го слушаш разговорот на летот на ластовиците со жуборите на планинските поточиња, кажи ми – зошто толку многу те сакам?

 А. К. скептик. Уште кога имаше 15 години, тој имаше мозок на осумнаесетгодишен. Тој 17-годишен старец, со срце кое се крепи на штаки и со мозок кој сака да меле, анализира и уништува сè што ќе допре! Тој 17-годишен Мефисто! Тој сака секогаш да е сам. Сам да се шета, гласно да разговара со себе, да гестикулира, да вика некому во себе и да си докажува нешто себеси…

Факсимил од оригинал од  Дневникот на Ацо Караманов

Ацо Караманови како скоевец бил бестрашен. Немало задача и обврска кои можеле да не бидат исполнети. Во 1942 година имало една акција на растурање картички со ликот на Гоце Делчев и познатата парола дека светот го подразбира како поле за културен натпревар меѓу народите. Среде бел ден, раскажува Петрушевски, најлојалниот и најсигурниот меѓу скоевците, Караманов, фрлал летоци во дворот на Участакот. Заедно се во сите групи и акции, а не ретко во станот на Караманов, карши сегашната Универзална сала, ги одржувале скоевските состаноци.

ПОЕТ                                                     

Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
со рафал во душата,
устремен напред
кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.

Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
со пролет во душата
да пеам развиорен
со пушка в раце.

И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.

Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.

Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
цврст како челик…
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слободен и силен и за борби жеден
буен,
бестрашен,
со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
на песната груба.

Затоа те љубам само тебе
обурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.

И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
среде јаросен дим,
под јаркото сонце
ќе пеам
среќен!

И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцето денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,
а рацете – меч.

Шарл Бодлер – Цртеж на Ацо Караманов

Ацо Караманов својот краток живот го живеел полнозначно. Тој интезивно творел и созадавал неверојанти книжевни творби коишто вриеле и извирале од  него и го одразувале и него самиот, но и животот и светот во кој живеел. Тој бил свесен дека литературата е нешто повеќе од обичниот живот. На одреден начин и творештвото и слободата тој ги поистоветувал и го доживувал како петто календарско време. Тој сака да стане поет – динамит за да го промени светот и токму во тој жар тој го положува и својот живот: Јас сакам да станам поет – динамит,/ поет на борбата/ со рафал во душата/ устремен напред/ кон утрешниот ден,/ со душа прекалена во тешки борби/ во кој само љубовта кон родот татни”. Понатаму експлицитно нагласува: Затоа те љубам само тебе/ о бурна борбо, о вриежу силен;/ во твоите пазуви нека ме погребат/ мене, синот и поетот, оголник на трудот”. Како полнокрвен идеалист Ацо Караманов и среде барикадите и среде дожд од куршуми, среде јаросан дим – среќен пее. „И во мене денес љубов безмерна ечи/ во бурната борба, во вриежот тој,/ срцето денес нека ми биде пламен рафал/ душата бура,/ а рацете меч”. Токму така и загина овој млад гениј ноќта помеѓу 9 и 10 октомври 1944 г. во борбата против фашистите и тоа токму со стиховите на Хајне на усните кои како врело олово им ги возвраќал на фашистите кои го боделе со бајонетите.

Така ликот и делото на Ацо Караманов трајно се меморираат во свеста на македонската традиција и континуитет. Возвратена е љубовта за него низ текстовите на Милан Ѓурчинов, Бранко Заревски, Александар Алексиев, Радивое Пешиќ, Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Доне Пановски и Љупчо Стојменовски, на Иван Ивановски, Влада Урошевиќ, Петар Бачанов и Чедо Јакимовски, на Васил Тоциновски и Науме Радически, на Александар Прокопиев, Соња Стојменска – Елзесер и Јасна Котеска, на Доне Донев и Борче Панов. На дел од трудбениците од сите генерации на современата македонска литература. Но, и автори од други средини како Жика Лазиќ, Иван Студен, Тоде Чолак, Миодраг Шијаковиќ. Сите автори и текстови во една ваква пригода и не можат да бидат споменати. Почитта е и во тимот на авторите кои го приопштувале неговото дело на македонскиот јазик – Радивое Пешиќ, Влада Урошевиќ, Евтим Манев и Љупчо Стојменски. Во бројните поетски и сценски презентации на неговото книжевно дело (Васил Тоциновски).

По заслуга на Милан Ѓурчинов (негов школски другар) и Радивое Пешиќ (новинар), денес се достапни делата: „Црвена пролет“, издадена 1963, 1984 и 1989 „Прозните записи“, издадена 1981 година „Сребрените соништа“ (Милан Ѓурчинов) и „Големата песна на Ацо Караманов“(Милан Ѓурчинов), МАНУ 2006 година.

Софија Караманова – мајка на Ацо Караманов со ќерката Елка и најмалиот син Зоран 1970 г.
Михаил Ренџов – еден од основачите на Караманови средби

Караманови поетски средби се поетски фестивал, кој се одржува во Радовиш, во чест на поетот Ацо Караманов. Фестивалот се одржува во организација на Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш и соработка со ОНБ Браќа Миладиновци од Радовиш, а во реализација на Советот на Караманови средби, сега преименуван во Управен одбор на средбите. За прв пат фестивалот се одржал во 1967 година.

Иницијатори за отпочнување на Карамановите средби како една од најзначајните книжевни манифестации во Македонија се академик Милан Ѓурчинов, Михаил Ренџов, Љупчо Стојменски, Културно просветната заедница на општина Радовиш и семејството на Ацо Караманов. Првата фтографија е од третите Караманови поетски средби, под неа лево е мајката на Ацо Караманов којашто заедно со синот Зоран и ќерката, во средина помеѓу нив е академик Милан Ѓурчинов. Иако до сега се поминати 53 години од одржувањето на Караманвите поетски средби, фактички се одржани 46 средби. Имaше еден период, во осумдесетите години од минатиот век кога заради економската стабилизација и рационализација, Караманови средби се одржуваа секоја втора година при што се случи седум средби да не се одржани.

Низ овие половина век инспиративни книжевни средби, учествувале речиси сите македонски писатели од сите генерации, биле одржани и редица симпозиуми и тркалезни маси со учество на истакнати македонски и странски критичари и писатели. Имајќи предвид дека Караманови средби отсекогаш имале и мултидимензионален уметнички карактер, на средбите секогаш гостувале и врвни македонски музичари како Милка Ефтимова, Драган Даутовски, Мерсиха Шукри, како и камерни оркестри, солисти и пијанисти, но и познати балетски студија како студиото „Газели“ чијшто кореограф е Изабела Ангелова. Како круна на овој музички контект во програмата на минатата гoдина беше изведен кантатата „Радовидение“ по текст на Борче Панов и музика на композиторот Стојан Стојков, а во изведба на оркестарот Про арс заедно со солистот Мартина Нанеска под диригентската палка на диригентот Сашо Татарчевски. Со тек на време Караманови средби израснаа во книжевна манифестација со европско и интернационално реноме за што сведочи и првата интернационална награда којашто покровителот на Караманови средби градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, му ја врачи на големиот шпански и светски поет Хусто Хорхе Падрон.

Воедно, на Караманови средби се случувале и исклучителни ликовни изложби од познати македонски сликари, или од познати сликарски колонии. Во овој контекст да ги споменеме само изложбите на Коле Манев, Новица Трајковски којшто наслика и портрет на Ацо Караманов, Славко Јаневски кој беше преставен и како сликар и конечно – големиот скулптор Томе Серафимовски чија ќерка Соња Серафимовска на Караманови средби и на Центарот за култура „Ацо Караманов“ им подари три вредни скулптури од Томе Серафимовски со цел тие да бидат дел од спомен-собата којашто Центарот за култура и општина Радовиш ќе ја уредат за Ацо Караманов.

Борче Панов, претседател на Караманови средби
Балетско студио ГАЗЕЛИ, кореограф Изабела Ангелова

Караманови средби особено се горди и на едицијата КАРАМАНОВ во која досега се објавени околу 30 поетски книги, претежно од млади поети од Македонија и од други земји. Помеѓу овие наградени поети веќе има познати поети како Никола Маџиров, Кристина Николовска, Даниела Андоновска-Трајковска, Елена Пренџова, Марина Мијаковска, Игор Крајчев, и други.

Промоција на поетот Валерио Орлиќ во ОНБ Браќа Миладиновци

Важен сегмент од Карамановите поетски средби биле и промоциите на значајни македонски поети. Практично тешко е да се каже кој од најзначајните македонски поети не бил преставен на средбите. Меѓутоа биле преставени и дузина врвни македонски прозаисти, а како врв на оваа книжевна пирамида од вредности секогаш биле средбите на поетите – гости  со децата поети од Радовиш, но и од други градови во Македонија.   

Деца поети со нивните ментори – професори по македонски јазик

Најголем дел од најзначајните македонски поети кои зеле учество на Караманови средби или на кои им биле направени книжевни портрети во рамките на програмите на средбите се застапени во оваа антологија, како и еден пресек од најактуелните поети денес на меѓународната книжевна сцена од целиот свет.

Во продолжение ќе бидат презентирани неколку фотографии  од одредени Караманови средби низ кои може да се види дел од најзначајните македонски поети коишто учествувале на средбите.

Великани на македонската книжевност на Караманови средби: Радован Павловски, Гане Тодоровски и Веле Смилевски. На сцената е Анте Поповски.
Радован Павловски

Бардот на Македонската лингвистика и книжевност –БЛАЖЕ КОНЕСКИ со тогашниот претседател на средбите Славчо Атанасов

За крај од овој прилог убаво е да се спомене дека на Караманови средби биле изведувани редица од рецитали по стихови од Ацо Караманов посветени на  Ацо Караманов во изведба на рецитаторски групи од Радовиш, особено со рецитатори од гимназијата Коста Сусинов, но поезијата на Ацо Караманoв ја презентирале и познати артисти како Мите Грозданов, Страшко Милошовски, Владо Јовановски и други. Како посебен куриозитет биле и драмските игри посветени на Ацо Караманов од кои во оваа прилика  ќе ја споменеме драмата „ПЕТТО КАЛЕНДАРСКО ВРЕМЕ“ која ја напиша писателот Борче Панов, а беше изведена од драмскотото студио „Крал џиџе“. Исто така голема афирмација на ликот и делото на Ацо Караманов има направено и писателот Доне Донев кој речиси три децении го играше Ацо Караманов.

ДОНЕ ДОНЕВ
ДОНЕ ДОНЕВ

ПРИЛОЗИ СО ДОКУМЕНТАРЕН МАТЕРИЈАЛ ОД АЦО КАРАМАНОВ

Спомен – песна напишана во спомен на училишните денови со неговиот учител Александар Лешнанин во Велико Орашје – Смедерево
Стрип со наставниците на Ацо Караманов во Скопската Машка гимназија
Стрип од Караманов исцртан на Картичка испратена од Радовиш до Милан Ѓурчинов
Антирежимски стрип на Караманов од притворањата на скоевците.
Музичарот и поет Илија Џаџев од Гевгелија и поетот и артист Доне Донев од Кочани со мајката на Ацо Караманов. Изведба на стиховите на Ацо Караманов пред одржување на Караманови средби.