Клаудија Пичино е италијанска поетеса, објавена во над 100 антологии, а била и член на жири комисии за доделување значајни национални и интернационални книжевни награди. Пичино е национален раководител за Европа за Светскиот фестивал на поезијата (World Festival Poetry), ја промовира истанбулската култура во Италија како амбасадор на асоцијацијата „Ист Санат Арт“ (Ist Sanat Art Association). Има објавено 34 книги поезија меѓу кои има нејзини авторски книги, но и преводи на италијански јазик на познати поетски имиња ширум светот. Добитник е на многу награди за својата работа. Уредник е на меѓународните книжевни списанија „Papirus“ (Турција) и „Atunis“, но и на италијанското списание „Gazzetta di Istanbul“ коешто се печати во Истанбул.

НЕРИНА

Нерина го возеше својот велосипед,

преправајќи се дека се брза за некаде.

Истрелите го допреа нејзиното седло,

срцето нејзино крцкаше во ѓубрето.

Голташе пораки и мастило многу пати

за да не може никој да ги извлече

зборовите од неа.

Не сакаше да биде запаметена по стравот

додека трчаше кон шталата,

адреналинот на отпорот засветка во нејзините очи

и еуфоријата на револуцијата замавнуваше.

Овој Епитаф го сакаше Нерина

– Не направив ништо посебно

силата на еманципацијата

мора да биде нашата вообичаена храброст. –

(Оваа песна е за една италијанска жена која им помагала на партизаните во Втората светска војна)

ПЛАНОТ Б

Блеснав со својата светлина

кон периферијата на твојот поглед,

додека ѝ се спротиставував на мислата

за неразумното чувство.

Минав многу километри асфалт

за да ги укотвам моите чекори на земјата,

голтајќи ги моите сомнежи да не одлетам некаде

а потоа да се срушам на земјата.

Во едно кредо и избледена боја

неочекувано ги скрив како во школка

не дозволувајќи му на моето срце

залудни очекувања или подмолни надежи.

Немав поготвено план Б

за тоа што душата сака спротивно на волјата

те гледа таа како место за починка

во бескрајните меандри на прегратката.

Во пространството на твоите раце

Ќе одморам.

Препев од англиски: Даниела Андоновска-Трајковска