
Кристина Николовска (17.05.1969) е поетеса, писателка, универзитетска професорка, теоретичарка на литература, литературна критичарка, есеистка, авторка на тв-проекти, менаџер на кампањи. Автор е на седумнаесет книги: поезија, теорија на литературата, литературна критика, есеистика, толкувања, беседи, монографии, филозофски разговори. Приредувач е на антологии и поетски избори. Живее во Скопје и работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како редовен професор. Раководител е на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, актуелен член на Претседателството на ДПМ и секретар за меѓународна соработка. Автор е на ТВсеријалот „Разговорница“ (2007), член е на Организацискиот одбор на меѓународната литературна манифестација „Рацинови средби“ во Велес. Добитник е на неколку книжевни награди: Млада Струга (1988), „Димитар Митрев“ (ДПМ, 2016), Златен орев (2018) и Караманов 2020.
РАЗДЕН
Откако се спушти од небесата
и се стори река
Та потече низ нас
Реши да ни се претстави
И да ни признае
Дека отсекогаш, ама отсекогаш
Се криел – во зборот.
Дека мајка – му била тишината
Дека татко – му бил громот
И дека дом му се небесата
На кои пишува роман
Горчлив роман
Трагикомичен роман
– како и секој живот.
Откако се врати во небесата
Ни се јави како ноќен глас
Глас на совеста
И ни потече како дожд од поезија
А раздени – како песна!
МЕСТОТО НА ПЕСНАТА
Обично е тоа важно место
уште пред да се роди – го има
Таму песните ги чекаат своите тела
Сега сум токму на тоа место
кое треба да се полни, а немам
намера да го полнам со – ништо
Едноставно: зошто да ја облечам мојата
песна
во лексеми, фонеми, феми, семи,
кога можеби таа сака нешто да ми шепне
недотерана, се уште нескаменета,
незавршена?
Мојата гола песна не се облече
и не дава да се постави ни тема, освен самата
таа
Детска реакција, нема што
Но, сепак го зазеде местото на песна, итро,
стратешки
се поигра – и си замина
Сега јас би требало да ви ја оправдам
или да го осмислам местото на песна
Мислам дека е доцна,
дека ќе барам друга локација за неа…