Лабуд Лончар роден е 1964 година во Иванград, денешно Беране. Пишува поезија и проза. Тој е основач и претседател на меѓународната асоцијација на книжевни творци и уметници “Неказано“/ „Неречено” од Бар. Застапен е во повеќе од триесет домашни и странски антологии. Автор е на пет збирки поезија. Главен и одговорен уредник е на списанието “Неказано”, како и списанието за уметност, и за Хаику. Живее и создава во Бар.

АКО ЈА ПРЕМОЛЧАМ ПЕСНАТА

Ако ја премолчам песната

Додека гледам во твоите очи

Ластовиците ќе испозаспијат и

Скриени под твоите пазуви,

Засекогаш ќе останат заробени на југ.

Ако ја премолчам песната

Додека спиеш на моите раце

Онака поспана и далечна

Ќе престане дреноцутот и

Твоите мали раце

Ќе престанат да се подаваат и љубат.

Ако ја премолчам песната

Додека ги љубам твоите усни

Љубовта ќе престане да капе

Од стреите на надежта и исчекувањата

И нема да процветаат црешите

На овој брег на молчењето…

Ако ја премолчам песната

Ластовиците ќе престанат да доаѓаат

Од југ

УТРО

Утрото

Мириса на

Бело грло на жена,

На брашно и ореов лист.

Утро

Во магла што сонливо

Мрмори од реката

Ги плакне прозорите

И в небо забодените оџаци

Го довикува црвениот петел

Кој наежавен

На тлото на постелата

Чека да запее.

Утро

Со студени раце

Ги трие градите на моми

И им ги ладе врелите бутови

Утро

Срамежливо ја носи песната

Откината од моите

Гризнати усни…

Превод: Борче Панов

НОЌ БЕЗ ДНО

Со косата твоја ја бришам

Месечината од трепките,

Со твоите гради ја милувам ноќта

Што заспала на моите препони –

Разбуден од твојата рака

Во ноќта без дно

ГО УБИВАШ АНГЕЛОТ ВО МЕНЕ

Под распукнатата смоква

Ја подбуцнуваш како со мамузи

Месечината на мојот стомак,

Ги газиш бистрите потоци

Во моите гради

И крикот на утринската птица –

Го убиваш ангелот во мене…

Превод: Даниела Андоновска-Трајковска