
Марина Мијаковска (1984) пишува поезија, проза, есеистика, литературна критика и научни трудови. Таа е доктор на филолошки науки. Членка е на Друштво на писателите на Македонија. Авторка е на тринаесет книги. Ги добила наградите: „Караманов“ (2013); „Македонска книжевна авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015) и награда „Даница Ручигај“ при Друштво на писателите на Македонија (2019).
АМУЛЕТ
Таму долу
во срцето на пештерата
најдов црвена
Сенка
од гологлав гуштер
и
усмртен кенгур.
Смртта не ме плаши!
Имам нешто заедничко
со децата
на
Ноќта:
Лице
со
дамки од абонос
и
опаш од прегорени
С Т Р А С Т И.
НЕВРОЗА
Не ме сведувај
на ниски С Т Р А С Т И
Јас сум повеќе од
ТОА.
Не ме сместувај во
скинат џеб
од твоите панталони.
Јас сум поситна од
празнината на
ТОА.
Не ме сместувај
во
Плакар
со
Неврози
И од таму
знам
да излезам
без тоа!