Маријан Гракалиќ (1957) e југословенски и хрватски новинар и писател. Син на М. Гракалиќ. Студирал на Универзитетот во Загреб. Тој е еден од основачите на списанието ЗООН  Политикон (1978) на Факултетот за политички науки во Загреб. Пишувал во Кворум, Питања, Полет, Данас, Вечерњи лист, Радничке новине, Оџек, Старт, Младина, Вјесник, НИН и други добри весници и списанија од осумдесеттите години. Од 1989 до 1993 година бил главен уредник на независното месечно списание „Азур“ и истоимената издавачка куќа. Работел кратко во Младост и Глобус. Денес го уредува порталот на Културната мрежа на Југоисточна Европа, Радио Горњи град. Автор е на петнаесетина книги проза и поезија објавувани во периодот 1988-2015 година.

МИРАКУЛИ

В недоумица срцето трпне, копнежот се прекршува, непозната е тоа мена,

кога над се, судбата, болката и плачот, жената ќе ти каже дека од се е појака.

Животот те прашува дали да сопре, да чека и што е тоа среќа и каде ли таа река

од изгубени сништа тече и дали отсекогаш била таа приказна, сновидение,

или само можност, којашто образот свој го скрила?

Желбата сништата ги води кон јавето, скитањето и мирот, тоа е хир непотребен,

тајните светски само обичен се стил, миркаули , тестаменти и на екстазата сплин,

а духот е волја што на свеста и го одредува патот кон тебе и мене

во животот луд и среќен.

ЖИВ СУМ НАВИСТИНА И ВИЕ СТЕ ОВДЕ

Жив сум навистина, и вие сте овде

песната сал ни преостана, таа сила проста

од ноќта црна прережена со стихот кобен

сега, кога се е драма и фарса на јадот срамен,

зборот е милост и лице Божјо и на ѕвездите прамен,

а душата сенка на срцето и вечен наш знамен.

И совршено се да е и било што да се сони

и со среќата или со било што друго зборот да се свие,

стихот е запир стамен и тој меѓник камен

ко мајчинско крило на душата млада така мило…

За: Сергеј Есенин (3.10.1895 – 28.12.1925)

Amore philosophiae perennis

Те чекам таму каде што завршуваат сите нешта

исти за сите луѓе коишто во секое време

цветаат под светлината на скриените спомени.

Нема тајна поголема што на тоа место ќе те сретне,

ниту желанија посилни, кога збор љубовта ќе ни пресече

за шепотот да ни биде поблизу, кога до срцето ќе се стигне.

Го слушам светлото што сликата на небото ја крои и ми вели

дека важно е душата да се согласи и да ја знае својата мера,

зашто не можеш поинаку во љубовта да имаш вера.

Препев: Борче Панов