Михаил Ренџов (1936, Штип), македонски поет, прозаист и преведувач. Објавил дваесетина книги, најмногу збирки поезија, поеми, но и раскази и книги за деца. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писатели на Македонија. Добитник е на повеќе значајни национални награди за поезија, меѓу кои: „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Григор Прличев“, „Ацо Шопов“, „Рациново признание“, „Grand prix international“ за севкупното творештво во Романија, и др. Еден е од основачите на Караманвоите поетски средби во 1967 г.

НЕРЕЗИ

(Манастир)

Заборавени мегдани

Од зелено и сино

Заборавени игри и чудесии

Заборавени искри

Од сјајот и мракот

Заборавени меки покривки

Заборавено езеро на небото

Заборавено дно на езерото

Заборавени бои и мистрии

Заборавени ангели-мајстори

Заборавени кули и чардаци

Заборавени ѕвонци и конаци

Заборавени зурли и тапани

Заборавени булки и зумбули

Заборавено време

Молкум изодено

Осветлено.

Засводено

НЕНАСЛОВЕНА

Се родив многу стар.

За да не бидам безделен

Си ја орав сенката пред себе

И врз сенката садев овошки.

 Од јатката на секој плод

Вадев по еден збор

И така научив да говорам.

Од мене се научи

Сиот род.

 И како што младеев

И како ми се цедеше

Телото – земја

Почнаа да ми се сушат овошки

И на овошките плодовите

И во плодовите

Јатките.

Кога наближив кон детството

Заборавив да зборувам.

Сега сум дете доилче

Што се враќа

Кон утробата на мајка си

Во онаа пречиста капка вода

На првиот зачни-ден:

 Среќен. Бестелесен.

ТИШИНАТА

Тишината:
Првото што ме
Лекува.

Прашината:
Последното
Што ме
Очекува.