Никола Маџиров (поет, есеист, преведувач) е роден 1973 година во Струмица, во семејство на бегалци од Балканските војни. Неговата поезија е преведена на четириесетина јазици. За книгата „Преместен камен“ ја добива поетската награда „Хуберт Бурда“ за автори родени во Источна Европа, како и наградата „Браќа Миладинови“ на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите награди се и „Студентски збор” за дебитантска книга (1999), наградата „Ацо Караманов” на Карамановите поетски среби (1999), како и „Xu Zhimo Silver Leaf” наградата за европска поезија на Кингс Колеџ во Кембриџ, Велика Британија (2016). Американскиот авангарден џез-музичар Оливер Лејк и италијанскиот композитор на класична музика Анџело Инглезе компонираa музика врз основа на неговите стихови. Добитник е на неколку меѓународни книжевни стипендии, меѓу кои: International Writing Program (IWP) на Универзитетот на Ајова во САД, Marguerite Yourcenar во Франција или DAAD во Берлин. Живее во Струмица.

ВИДОВ СОНОВИ

Видов сонови на кои никој не се сеќава

и плачења на погрешни гробови.

Видов прегратки во авион што паѓа

и улици со отворени артерии.

Видов вулкани што спијат подолго

од коренот на семејното стебло

и едно дете кое не се плаши од дождот.

Само мене никој не ме виде,

само мене никој не ме виде.

БРЗ Е ВЕКОТ

Брз е векот. Да бев ветер,

ќе ги лупев корите на дрвјата

и фасадите на периферните згради.

Да бев злато, ќе ме криеја во подруми,

во ровлива земја и меѓу скршени играчки,

ќе ме заборавеа татковците, а нивните синови

трајно ќе ме паметеа.

Да бев куче, немаше да ми биде страв

од бегалци, да бев месечина немаше

да се плашам од смртни казни.

Да бев ѕиден часовник

ќе ги криев пукнатините на ѕидот.

Брз е векот. Ги преживуваме слабите земјотреси

гледајќи кон небото, а не кон земјата.

Ги отвораме прозорците за да влезе воздух

од местата каде што никогаш не сме биле.

Војни не постојат, зашто секој ден некој

го ранува нашето срце. Брз е векот.

Побрз од зборот.

Да бев мртов, сите ќе ми веруваа

кога молчам.