Петко Шипинкаровски (1946 – 2020), писател и поет, публицист, драмски автор, есеист и книжевен критичар, е роден во с. Будимирци, битолско. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Здружението на новинарите на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола. Почесен член е на Друштвото на писателите на Србија и на Книжевното друштво на Косово и Метохија, а надворешен член е на Сојузот на независни писатели на Бугарија. Основач и претседател е на Културниот центар „БРАН“ – Струга, Главен и одговорен уредник на ревијата Бранувања и организатор на „Струшките книжевни средби“ во Струга (2010-). Автор е на преку дваесет дела, поезија, романи, драми, орманизирани монографии, монодрами, поезија за деца и др. Добитник е на многубројни награди и признанија. Преведен и препеан на повеќе светски јазици.

САЕМСКО НЕБО

Од кај-каде на бендисување

на панаѓур,

пристигна книжевна армада.

Тука!

Под саемското небо,

и мојата маленкост,

седна.

Саемска разгледница.

Носам производи:

За омразата, за злото…

за утрото, за човекољубието и,

за големата победа,

                                     за љубовта!

СО НАМИГНУВАЊЕ ГО МЕНУВАМ СВЕТОТ

                                                На Томас Дамбо

Слетав на пистата во големата метропола.

Остри зраци ми го пресекоа видикот.

Отспроти Ангел во дивината на големите џинови,

неразгазените патеки на старата прашума

и скриеното богатство, ме носи.

Пристапувам кон големиот трезор на Копенхаген.

Со клучот на градот влегувам во палатата

на златокосиот старец полн со години и мудрост.

Со четка в раце мрко ме гледа:

Каде си тргнал – ми вели?

По патиштата на вселенските пространства,

во хармонија и разборитост

да го оставам светот на вечноста.

И јас,

низ дивината на големите џинови

да создавам нови дела!

И со намигнување

и гравитација

да го менувам светот.

СОНОТ НА ПЕПЕРУТКАТА

Ја видов пеперутката на катот,
на темелот од летната ноќ.
Знаев дека доаѓа со лесен сон.

И таа мене ме виде,
гледаше во сликата од своите деца
со благ поглед им даруваше
насмевки од својата душа.

Ја видов пеперутката на катот,
на темелот од летната ноќ и разбрав:
тоа беше душата на нашата мајка што нèгрее,

ја видов…