Раед Анис Ал-Јиши (Raed Anis Al-JISHI) (поет, преведувач од Катиф, Саудиска Арабија) е дописен соработник на Универзитетот во Ајова, САД(Iowa university-USA), член на одборот за планирање на наставата за образование на наставаници на националниот Шангајски универзитет за образование – Тајван. Има преведено 5 книги, а објавено една новела, 9 поетски книги на арапски јазик од кои последната е преведена на француски, и една книга објавена на англиски („Bleeding Gull: Look, Feel, Fly“), а е преведена на српски, виетнамски и италијански (во Италија има добиено повеќе награди за најдобро преведена книга). Неговата поезија е преведена и објавена на многу светски јазици. Добитник на интернационалната награда за поезија  „Ацо Караманов“ (2020).


ЗАЧУДЕН БАРУТ

Зачуден и замислен, барутот те разочарува

Со каква ли гордост Бог ги створил твоите раце?

Секогаш кога ти ќе ја повикаше Смртта

да дојде по Божествените созданија,

Смртта се испружуваше на земја

со лицето завртено кон земјата и се молеше

како што небесата се моли за тебе

ТАЈНАТА НА НАБЉУДУВАЧОТ

Во очите твои една мала смртна тајна

Универзумот ќе се набрчка и распука

Како очите твои да проговориле од Животот

кој танцувачката го распрскува

на млечната патека

искршена

од твоите песни кои имаат моќ надвор од границите

надвор од дозволеното во љубовта

Од твојата насмевка

племето во мене се собира (хорски)

помеѓу твоите усни и веѓи

едно трепнување го разделува

Вибрирачките глави се повлекуваат на сигурно

како шолји кафе

испиени од љубовниците на некој сладок состанок

повикани од ветерот

во Нинива

ПРАЗНИНАТА НА ЕДНО  „НЕ“

Потрагата по слобода се цеди

во превртеното „НЕ“

Како начин на мешање

за да се добие нов ритам

Сигурноста е сомнеж испеан хорски

Сомнежот е сигурност во тврдењата на нихилизмот 

И мелодија што владее

Твојот највисок идеал расте

– без да забележиш –

како сувата фиданка

што ѝ се потсмева на дебелата секира

И се обидувам да ја смачкам со твојата десна рака

Додека левата рака ти е зафатена

месејќи ја последната глина

која паѓа како свежо узреани урми

и се просејува со непријатна визија

меѓу твоите прсти

Препев од англиски: Даниела Андоновска-Трајковска