Ристо Ѓ. Јачев (1942-2019) е член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во Скопје по 1967 година. Неговата поезија е претставена во низа антологиски избори од современата македонска литература. Преведуван е на повеќе светски јаэици. Неговото литературно творештво опфаќа: 19 книги поезија, 5 книги проза и 5 радио-драми. Добитник е на престижната награда „Браќа Миладиновци“ (2013 година), како и на наградите „Златно перо“, „Григор Прличев“, „Ацо Шопов“, меѓународната литературна награда „Мелник“ во Република Бугарија и други.

НАД ГУПАРСКАТА СКРКА

Ќе изградиме манастир во шума клета
убава како птица. Низ него нека шета мрак
или месечината што ко светулка лета
наплакано. О, ќе изградиме манастир пак!

Ќе изградиме манастир сред жито, сред сребро,
работ ќе му го извеземе со игла од ребро,
со свилен конец краевите, со ѕвездена трага
убавата Република на вековно едро.

О, ќе изградиме манастир од чисто небо
за сивата птица што таинствено врти
како дребна сипаница на моминско чело,
над Гупарската скрка каде змиски глог ’рти.

Ќ изградиме манастир! Голем како свеста
Наша. Чеден манастир на вакавските места!

НАРЦИСА

И оваа зима ја минеме во слави
со многу песни, со бочви црни вина.
И овој јануари со паднати глави
те чекаме немо на масата сина.

Те чекаме како некогаш да дојдеш
овде кај што цвете од восочно ткиво
се ниша ко пламенче мило и живо
во винска чаша да говориш ко дете.

Чекаме да ни кажеш за ноќта дива,
за белото гробје под густата пена,
за гладта на студот што зад нас се крена

кога денот од мракот погрозен бива.
Чекаме да ни кажеш дал’ сè ќе мине
со веков што го брише нашето име?