
Роза Бојанова е автор на 16 книги поезија и публицистика. Во печат е и поетската книга „Обратна гравитација“ во издаваштво на Макавеј – Скопје. Поезијата на Бојанова е преведена на англиски, руски, германски, украински, грчки, турски, полски, хрватски и романски јазик. Основач е на литературното студио „Матични птици“ при Центарот за култура „Љубен Каравелов 1940“ и е дел од програмскиот одбор за Мајските средби на словенските автори „Свето слово“, како и на Меѓународниот конкурс за млади „Уметност против дрога“. Член е на Друштвото на бугарски писатели, а била претседател на здружението „Бургаска писателска заедница“ (2015-2018), како и почесен граѓанин на Бургас од 2012 година. Добитник на повеќе книжевни награди.
Се разминуваш со ангел
и сè неусетно се променува.
Го променуваш својот прочит на митологијата,
како Уран – својата оска на вртење
и од син и сопруг на Геа се претвора
во татко на богови, титани
и стораки џинови.
Стрелката на часовникот веќе се врти
и во двете насоки…
Дешифрирањето на Универзумот,
нема врска со оваа реалност
и со човечките ритуали…
Ги разгрнуваш длабочините на небото
и потонуваш во духот.
Веќе си бил таму…
ИЗГОВОРЕНО ВО ВЕТЕРОТ
Во секое оддалечување
има обратна симетрија.
Поуките бавно умираат неслшнати:
сè што е изговорено му е кажано во ветерот,
сè што е напишано е букви врз водата.
Нечетлива желба ти треба…
И таа ќе одмине,
но не за да биде заборавена,
туку за да се чита од нови брегови,
да побара левата и десната смисла,
во темни вирови и во стремоглави брзаци
да открие темели,
по одблеснати мостови да помине
и по лизгаво дно…
Уверливиот ракопис на водата
(таа пишува со телото)
ги повторува гласовите
подобре и од ветерот.
Препев од бугарски на македонски јазик : Бранко Цветковски