Рудра Киншук (1971) е билингвален писател (пишува на бенгалски и на англиски јазик). Има објавено 8 книги поезија и две книги со санталски племенски народни песни пресоздадени на англиски. Превел бугарски, грчки и македонски автори на бенгалски јазик, а има добиено повеќе значајни национални книжевни признанија. Се занимава и со фотографија, цртеж, сликарство и дизајн.

ИРОМ ШАМИЛА, ЌЕРКА МИ

Гледам луѓе како јадат

пред трговски центри

Гледам луѓе како јадат

на реалити шоуа

Гледам луѓе како јадат

пред кино сали

Само Иром, мојата ќерка,

хематофобична,

не јадела десет години

зашто таа знае дека јадењето

е убиство кога лебот ќе се нурне во читањето…

Забелешка: Иром Шармила Чану: социјална активистка во Индија

ПТИЦИ И КАМЕЊА

                        (на Џајанта МАхапатра)

Светлината и темнината пеат во хор

со твоите букви.

Во мали огледала се рефлектираат

малечки човечки лица,

износени, лакоми, тажни, поразени

сонуваат.

Прекрасно кино,

тоа е другото име на животот.

Така крилестите корења

и закоренетите крилја

го градат твојот замок од букви,

Уткал – простор

на глобална аспирација,

на глобална боја

каде птиците и камењата

живеат заедно

со калеидоскопско очудување.

Забелешка: Уткал, старо име на Ориса, провинција во Индија

АУНГ САН СУ КИ: МОЈАТА МРАЧНА МАЈКА

За тебе реките

чекаат во бесконечно чекање

За тебе новите лисја чекаат

во старите семки на приспивната песна

За тебе сонцето чека

пред бебето земја

Гледам сѐ, додека пловам

во твојата правода

Ќе излезам и ќе заплачам

додека тишината се чини дека е мајкоубиство

во една ваква треперлива темнина…

Забелешка: Оваа песна е напишана пред Су Ки да биде ослободена од затвор
Препев од англиски: Даниела Андоновска-Трајковска