Санде Стојчевски (с. Студена Бара, Кумановско, 1948) – поет, литературен критичар, есеист, антологичар, полемичар и преведувач. Член е на: Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН-центар, Сојузот на литературните преведувачи на Република Македонија; почесен член на Сојузот на бугарските писатели; и член на Славјанската литературна и уметничка академијата во Варна, Република Бугарија. Бил главен уредник во  „Македонска книга“ и уредник во „Мисла“; главен уредник и член во Редакцијата на „Стремеж“, „Акт“ и „Review“. Автор е на 18 поетски збирки, како и на 17 книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Објавени се: осум избори од неговата поезија и есеистика во Македонија; избрани дела во шест тома; дванаесет поетски избори на странски јазици; и две аудиокасети (на романски и на македонски јазик). Составил девет антологии на македонската поезија и критика. Добитник е на значајни книжевни награди: „Книжевен жезол“ на ДПМ (2012), награди за поезија: „Кочо Рацин“ (1992); „Григор Прличев“ (1998); „Браќа Миладиновци“ (2001) и други; награда за критика во Македонија („Димитар Митрев“, 1999), и на неколку меѓународни награди и признанија. Носител е на државната награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело (2010).

ПО МАКЕДОНСКИТЕ ПАТИШТА

Утајум ли братот наш скоковито

се префрла во туѓи царства, под мишка

тутка шушкава кошула змиска?

Се чуди ли; за кого тоа стрпливо,

од искони резбаме длабоко

дабово ведро? Врз луто ветрово

јаже, до ’рѓосаното бакарно

сандаче, изгрева твоето колено,

божем напрашено со неовдешно

некое вдахновение. ’Рѓосува ли,

меѓу семиња зафрлен, нашиот брат,

доверливо со острицата што нè осветлува?

Си лета чучулигата, полжавот

си е на трнот, на своето небо бог.

ПО МАКЕДОНСКИТЕ ПАТИШТА 1990.

Што шуми во тие шуми?

Уште ли под мишка шушка

стуткана кошула змиска?

Уште ли ни е блиска

И дали е иста и чиста?

Го креваме ли со чело

ведро, длабокото дабово

ведро, и дали острицата

светлина фрла на патот

по којшто тетерави братот

со неколку семки в дланка?

Од искони овде се дига

кон тврдата нога на бога

пламен од светата книга.