Славе Ѓорго Димовски е роден во 1959 во Велестово. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Живее во Охрид. Работи како наставник по македонски јазик и литература. Пишува поезија за деца и возрасни. Застапуван е во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици. Димоски е основач на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“,.бил директор на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“. Автор е на десетина поетски книги како: Гравири (1979) Проект (1982) Студен порив (1985) Последните ракописи (1988) Темно место (1999) Мерач на зборовите (2007) и други. Добитник е на значајни книжевни награди во Македонија и во странство.

НОЌТА Е ЦРНА LIEBE MARIA

Ноќта е црна Liebe Maria

Ја ослушкувам, трепери. Црна

е водата што тече низ моите

Прсти. Ти си црна. Ноќта

Непрестано се тресе. Те зема

И те враќа. Ноќта

Се движи. Те претвора

Во прав што го дишам.

Те претвора во големо крило

Што мафта на хоризонтот

Претворајќи се во точка

Liebe Мaria.

СИМНУВАЊЕ ОД КРСТОТ

Дождовните капки се лизгаат

Се симнуваат од крстот на татко ми

Кој овде почива веќе деценија

Симнатиот од крстот

Не бил дождовна капка

Но сега ми наликува на вода

Постојано некаде истекува

ГИ ПИШУВАМ ПОСЛЕДНИТЕ СТИХОВИ ВО МОЈОТ ЖИВОТ.

Ги пишувам последните стихови во мојот живот.

Од каде го гледам мојот живот?

На пр. од музеите со восочни фигури.

Таму има ли живот?

Нешто трепери како крилја во воздухот

како завеси на лесно ветре?

Има ли воздух меѓу восочните фигури?

Има ли нешто што личи на мојот живот?

Некој ги пишува последните стихови?

(Постојат ли последни стихови? Постојат ли

воопшто стихови?) Ги пишувам последните.

Што видов, што осознав (ако ги има) во нив?

Јас сум нем човек. Оваа е нема земја. Оваа

е нема земја, јас сум нем човек…јас сум

нем…нем…ммм… човек…