Стојан Тарапуза е роден е на 29.12.1933 година во Злетово, гратче кај Пробиштип Неговата прва поетска објава („Црвено растење“ – поезија за возрасни) е во 1961 година, а потоа објавил уште една поетска книга за возарасни „Во каменот ден“ по што, како што самиот вели, сфатил дека поезијата е своевидна магија и најубаво проклетство. Од тогаш, до денес, поетот Тарапуза објавил преку 50 поетски книги. Во 1966 година ја објавува својата прва поетска книга за деца „Грејни сонце“, по која следуваат „Полно кајче желби“ и „Дамбара думбара“ по која се реди цела една низа од поетски книги. Во 2014 година ја доби највисоката награда за позија за деца Ванчо Николески, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија (за „Пресликано време“).

…..

Јас не сум Пушкин, ни Превер,

Ни царски кум, ни девер

Јас не сум ни Његош, ни Цанкар,

Ни голем богаташ банкар,

Јас не сум ни Блок ни Гете,

Но твој сум опријател, дете.

Ти имаш свој југ и север

Јас цвет од сонце на ревер  – 

ДЕТЕТО ВО МЕНЕ

Детето во мене често ми вели:

Не бегај од мене, не се дели!

Јас сум твојата внатрешна сила,

духовно ждребе, ветре со крила.

И дење и ноќе – во секоја доба,

во тебе живеам како во соба!

Некогаш сум ѓаволесто,

некогаш – бесно,

но такво сум само

кога на желбите им е тесно!

Така ми вели

и си тера по свое,

не му е гајле

што е дете мое!

ПЕСНА ЗА ВРЕМЕТО

Времето е,

времето е

без брегови река,

исполнета,

преполнета

со тишина мека.

Дење, ноќе,

ноќе, дење

– од дамнина, века

сè нанапред само оди

– никого не чека!

СИЛАТА НА ЗБОРОВИТЕ

Куќи и кули се ѕидаат со тули,

се ѕидаат и огради на дворови,

но тоа е нештососема друго,

песни се ѕидаат со зборови.

Секој збор по нешто кажува,

со збор и ѕвезда се подлажува,

и сонце в очи се населува,

и страден гладен развеселува.

Кога збор со збор ќе се здружи,

војска е тоа што пука со ружи,

од ружите в срце пламнуваат зори

и крвта зажарува, како вулкан гори.

Зборови има многу и секакви,

убави, грди и уште некакви,

со нив се плетат разговори,

со нив се водат војни и спорови.

Зборови, зборови маѓосни,

Често сте птици најрадосни,

Имате сила што лекува,

Со вас се расте и векува!