Фернандо Рендон (Fernando Rendon)  (1951, Меделин, Колумбија) има објавено 9 книги поезија. Неговите книги се објавени во САД, Кина, Виетнам, Франција, Италија, Романија, Албанија, Куба. Коста Рика и Венецуела. Координатор е на Светското поетско движење (World Poetry Movement), директор на меѓународниот фестивал во Медели од 1991, на списанието „Прометеј“ од 1982. Добитник е на значајни книжевни награди од повеќе земји.

НА ВОДОСТОЈОТ

I

Кога ли го започнавме  нашиот крвав марш од Апокалипсата на Човечката сенка, меѓу плач и воини, под паничното небо кое смртно ги рани нашите надежи и желби?

Кога ли се откажавме од фрлањето на сѐ што имаме на грбот на братот, бегајќи до маргините на делириумот каде не се гледаат повеќе градовите на пеколот?

Кога ли знаевме дека вратите на пролетта ќе се отворат и дека нема само за нас да бидат отворени, дека прецизно ќе се разминеме со Сенката на човекот кој сме го сакале уште од почетокот, кога не постоеше смртта во ливадите во цут и мочуриштата кои сѐ уште не беа излезени од умот човечки?

И пак, потоа, да го вратиме, да го поништиме во срцето јазолот на нашата слатка но ранета земја, ништото на нашиот изгубен сон за еден живот споделен на водостојот.

II

Среќните сенки на макао птиците, засолнети во сенката на врвот на дрвјата, разговараат над мрморењето на сенките на мајмуните. Сенката на танцот на листежот танцува над сенката на јагуарот. Насилното сонце е единственото засолниште на дождовникот. Сенките на бавните облаци над клекнатите сенки, демнат сенки над плашливите сенки. Една човечка сенка избегнува нечија друга човечка сенка.

Сенките на морето на човекот што пристигна се нафрла на сенката на човекот што беше тука. Секогаш без сон, запрепастениот цимоли. Тоа е ноќ над потокот светлина кој тече во зеницата на Сенката на човекот доближувајќи ја сенката до светлината.

III. Која е користа од сенката на човекот во пустината? Сенката на дрвото тежи повеќе од сенката на човекот. Во пустината, сенката на сончевиот зрак знае дека рајот е вистинската сенка.

IV.                               

                                                                        „Камењата ќе врескаат”.

Камену, талисману што си избирал принцеви, коско на присуството и почетокот, го препознавам твојот свет дух.  

Нашите предци копаа во магичниот камен, влегоа во камената куќа на магии и уроци каде невидливиот живот говори.  

Праисториски часовник, сенката го заокружува каменот кој го слуша срцебиењето на човекот.

Лирата на Амфион ги разбуди камењата од Теба што пливаат. Гласовите кои излегуваат од каменот патуваат во ушниот лавиринт.

Спуштајќи се од сончевиот камен и потопувајќи се во сенка, човекот не го слуша повеќе каменот што пее.

V Обработувачите на камења, тие ги откриваат скриените трансформации на цврстите материи, новите изблици на пулсот на зората, на срцето на каменот во кој еднаш се населила светлината, пред водата без брег да се појави под пловечката светлина, создавајќи мрежа на цвеќиња и животни за од шумата да направат дом.

Препев од англиски: Даниела Андоновска-Трајковска