Христо Петрески е роден на 4 февруари 1957 година, во Крушево. Магистрирал културологија во книжевноста на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Кирил и Методиј“- Скопје, на тема „Хаику поезијата – меѓу елитното и масовното”.  Докторирал на тема „Авторска бајка – компаративна анализа” (методички и дидактички науки).  Редовен професор е на Универзитетот Еуропа прима во Скопје и директор на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност  – Скопје. Основач е и сопственик на Издавачката куќа “Феникс” и Фондацијата “Македонија презент”. Автор е на повеќе од 50 книги и добитник е на повеќе републички и меѓународни награди и признанија.

ШТО АКО

На почитуваниот и драг Анте Поповски

Што ако имаме што да кажеме а молчиме

Значи ли тоа дека навистина нема кому и што да кажеме

Та барем себеси и пред себеси да си (при)кажеме

Но немој и недај Боже да се расприкажеме

Па тука се каменот дрвото стреата собата домот долот

Оди и зборувај им на копривите бозелот шипот вратиката

Па можеби некој збор самиот ќе ти се одбие и ќе ти се врати

Од белутракот од гранитот од мермерот од плиската од бигорот

Што ако сакаш и птиците да зборуваат со и на твојот јазик

Тие ќе продолжат да молчат или ќе пеат само ти кога ќе пееш или молчиш

Не го знаеш и не го познаваш нивниот јазик но и исконски инает

Да летаат спротивно од ветрот и да се враќаат само каде биле

Чинат летни горе и устреми се кон небото па долу кон падот и калта

Виу горе виу долу само по некоја нивна измислена линија и изохипса

Која не може да се повтори овековечи и трајно претвори во патека или автопат

За да врват други кралеви цареви вазали велможи и слуги

И што ако не ги сакаш и игнорираш другите зборови и луѓе

Тие пак ќе постојат окружени од други билки и тревки диреци и дибеци

Дебла и стебла од кои не пркнува ни коренче ни страк

За секогаш да (за)владее уште подебел поголем и пострашен мрак!

БАРАЈЌИ ГО ЗБОРОТ

Двојникот: Што правиш?

Јас: Го барам зборот…

Двојникот: Кој збор?

Јас: Тој што го изгубив…

Двојникот: А кај го изгуби?

Јас: Кога би знаел, можеби би го знаел и зборот…

Двојникот: Обиди се, сети се…

Јас: Тоа и правам, но не ми успева…

Двојникот: Реди ги буквите според азбуката…

Јас: Така и правам, мислам дека почнуваше на П…

Двојникот: Па, пацифизам, планетарен, прустовски…

Јас: А што ако не беше на П, туку на некоја друга буква…

Двојникот: Тогаш почни со А…

Јас: И белки ќе стигнам до Ш…

Двојникот: И цела среќа е што се само 31 буква…

Јас: Но, денот има само 24 часа за толку многу зборови…