Хусто Хорхе Падрон  е роден 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските острови, во Шпанија. Бил  генерален секретар на Шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија ‘Екиваленсијас’ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година. Беше претседател и организатор на Шестиот светски конгрес на поетите што се одржа во Мадрид во 1982 година. Висенте Алејксандре го назначи да ја прими неговата Нобелова награда за литература во 1977 год. и да го претставува на сите свечености подготвени во негова чест. Тој е несомнено шпански поет со најголемо меѓународно признание во последните децении. Неговата поезија е преведена на педесет јазици, а објавени му се стотина книги на странски јазици. Добитник е на многубројни  меѓународни награди и признанија во целиот свет меѓу кои, за воаа прилика, ги истакнуваме: Меѓународната награда на Шведската академија, 1972 год.;  Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, Македонија, 1990 год., и Европската награда за поезија на Карамановите средби (2019). Автор е на триесетина поетски книги и избори. Преведен е на дваесетина јазици.

РАКАТА ШТО ТИ ПИШУВА

На Клео

Не се ни бројки ни приказни часовите што ги прегрнавме,

дури ни еден грст од зборови

или јата од слики во красноречивиот воздух.

Блика од моето чело раскошот на твоето име,

и во таа вода неподвижна што те посматра

од минатото, живееш постојано истата ти,

без да можат да те скаменат годините.

Јас го опишувам твојот снежен профил, знаците

што зимата ми ги наметнува со својата вистина строга.

Бела смеа, брези, фасцинација бавна,

време без време, денови во ноќта,

сонце што се враќа во својот вруток од мириси

покрај скротениот оган на засолништето.

Во твојот поглед се разлева светот,

листот што да те сочува сака

од една вечност што боли и останува.

Умира сал раката што ти пишува.

САМОПРОГОЛТУВАЊЕ

Се разбудив испружен во една заградена соба

покриена со блескотни огледала.

Тој херметичен простор го одразуваше јасно

бавното растење на мојот врат.

И растеше, растеше тој оддалечувајќи ги

с# појќе очиве мои од моето тело.

Тоа треперење од ужас

се множеше со таваните и ѕидовите

и ме следеше речиси прогонувајќи ме.

Меѓу овие ѕидови од мраз и живо сребро

ечеше завивањето и се тегнеше мојата кожа

претворајќи ми и раце и нозе

во глуждови и перки, за најпосле да бидат

сал површина бласкава и луспеста.

Кога моето тело одненадеж се сви

како едно дебело јаже, јас видов две пламени очи

чија каллива жед ме набљудуваше

од секое ќоше, од секое огледало,

јас свирежот го чув од пизмата што лази,

а буштравата глава околу себе се сврте

и почна да ме голта проголтувајќи се.