Јон Јакоб (Ion. P. Iacob) (1955, Романија) е поет, телекомуникациски техничар, менаџер во библиотека, фотографер, блогер. Има објавено четири поетски книги, уредник е на списанијата “Ardealul literar” и “Feed Back”. Член е на Унијата на писатели на Романија.

ЖИВОТОТ Е ИНСПИРИРАН ОД ФИЛМОВИТЕ

Како во „Малиот принц“

мојата кариера

заврши

по точно шест бесконечни години

кога учителот по пијано ме изненади

страстно удирајќи по

црните и белите клавиши

а јас ги притискав истовремено

без да знам кој од нив беше мајка ми, а кој татко ми

сега

скриен во зајдисонцето

ги допирам клавишите на тоа пијано

јас и мојата сенка

со четири раце

ја рафинираме

мизеријата

ХОРИЗОНТ

во една безгрешна недела

или сабатен ден

или некој случаен миг

за аскетите

ја изведуваме уметноста на умирањето

зачувуваме многу нешта исто така

во уметноста на живеењето

сѐ до крајот на светот

а и по него

осамени осамени осамени

во иднината на вчерашниот ден

во минатото на утрешниот ден

низ ронките на белиот гулаб

и парчето црн леб

го храниме хоризонтот

што го разделува

животот од смртта

ОКО ШТО ГЛЕДА СЕ

Твоето око

ја прави мојата песна дебела

Твоето око

ја фрла песната

од големи височини

таму каде светот се губи

и воскреснува

во круна од трње

Препев од англиски: Даниела Андоновска-Трајковска