Звонко Танески(1980), поет, есеист, критичар, преведувач. Работи како универзитетски професор по јужнословенски литератури и книжевна компаратистика на Универзитетот Комениус во Братислава, Република Словачка. Автор на поетските книги: Отворени врати (1995), Хорот на гнилите лисја (2000), Срт (2003), Чоколада во портфолио (2010), Нежности без гарантен лист (2012) и Чекајќи ја историјата (2016). Добитник на наградата “Ацо Караманов” за 1998 година, а наедно и носител на повеќе значајни меѓународни награди за поезија, наука и превод. Преведуван и објавуван на над 20 различни јазици ширум светот. Член на Словачкиот ПЕН центар и на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка, како и на многу други реномирани светски книжевни и научни здруженија.


НЕБО

Пред да ја прочитам песната на фестивалот ме предупредија дека

тука се станува ѕвезда. Секако, пост фестум.

Неколку настапи, си помислив, па човек може да си создаде и небо,

накитено со ѕвезди. Соѕвездие што трепери.

Така е: аплаузот од присутните ќе те понесе,

ќе те вознесе (израз на времето, нели?!),

ќе те воздигне на пиедестал. Потоа, ќе наплаќаш влез со консумација

(или дегустација на вино), во твоето небо. Не ќе биде тоаштогоде настан за останатите,

ќе станеш привилегиран поединец со мистичен карактер.

Сомнителен за повисоките органи, еден од избраните.

Зашто, и небото (рака на срце) е мистерија,

чудо невидено. остро бегство, набиено со шајки.

Враќање во стадиумот на нашите акни.

Пред напуштањето на небото ќе ѝ го вратиш билетот на насмевката.

Одмаздата лежи на дното од винската чаша –                                                    мило за драго

ПАПАРАЦИ

Кога ќе заврши ова „babie leto” надвор
што ми се провира и под панталоните?
Кога ќе почне часот по метереолошка хигиена
што толку долго го очекувам?
Сè уште сум под есенски туш
стручниот профил што ми го разводнува,
што ме тера на неодлучност, на пасивност,
при изборот на книжевен ментор,
на тутор шта препорачува домашна лектира,
на надзорник со zorný uhol,
на ревизор со изострена диоптрија,
стилските чекори што ги контролира,
што ги проверува,
што докрајчува,
што (при)врзува,
што става во калап.

Ќе го разбијам ли менталниот оклоп?

Ќе ги скршам ли решетките во зоолошката градина?

Кога ке стигне зимата, ќе ѝ се поклонам на колена,
па ќе ѝ се насмевнам в очи, затоа што доцни
како домородски саат на село…

Ставен сум под истрага, под увид,
на словачките писатели, на незапознатите,
на сокриените, на неотскриените,
на неоткриените дотогаш, тука на црниот под,
белите места што ги пополнуваат како ѕидна смеса за плитки дупки,
за мали отвори, за штури празнини,
за бегство на другата страна –
за оттаде-другаде да ѕиркаат или потајум во мене
како папараци