
Елена Пренџова е поетеса, слемерка и препејувачка. Таа е магистерка по Филолошки науки и дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем и креативно пишување. Авторка е на 7 книги поезија – на 5 од кои им се доделени национални награди за најдобри поетски ракописи – книга збирка есеи за поезијата и уредничка на 2 антологии. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.
2 H2 + O2 = 2 H2O
махери сме за филтрирање квалитет
прецизно го собираме квалитетот во ситото
префинето го процедуваме дестилатот
потоа бессовесно ги отстрануваме
тешките метали
на другиот крај од светот
за да можеме
безкритично
да си се валкаме
во сопствената
урина
експертски прочистена
ЉУБОЉУБНА
ја повивме љубовта со чаршафи натопени со крв
потопени во солзи
и подавајќи ни рака за спас
ѝ понудивме помош давејќи ја
додека таа стенка
писка и вриска до последен здив
така ние се спасивме од неа
од нас
јас од тебе
ти од мене
секој од самиот себе
години подоцна
кога посакавме да сакаме
кога посакавме да бидеме сакани
таа нè уби
наместо
буцкастото дете голомеше со продорна стрела
ни ја испрати
анорексичната даркерка со коса
сè што сеевме си ожнеавме
па дури и семето на љубовта
на мојот татко и твојата мајка
на твојот татко и мојата мајка
сè што се роди од нив умре во нас
за љубовта остана да читаме по туѓи текстови
и да ја ловиме по лицата на туѓинците
што нè одминуваат
што не можат да нè засакаат
што не можеме да ги засакаме
затоа што љубовта нас не нè сака
затоа што не е природно
убиениот да си го сака убиецот
колку и да станува збор
за злосторство од страст
колку и да станува збор
за злосторство по крв
злосторство си е злосторство
љубов си е љубов а за нас љубовта е само љ