Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во Небрегово; Студиите во Белград ги почнал прво на Медицинскиот факултет, потоа на Филозофскиот факултет, на отсекот за Словенска филологија, а славистичките студии ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал (1944). По војната работел како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет, во Скопје, каде што, во 1957 година, станал и редовен професор и предавал историја на македонскиот јазик, а бил и шеф на Катедрата за јужнословенски јазици; декан на Филозофскиот факултет (1952/53) и ректор на Скопскиот универзитет (1958/60). На 13 февруари 1947 година бил избран за прв претседател на новооснованото Друштво на писателите на Македонија, а истата функција ја вршел уште во два мандата (1948, 1951/1952), бил и претседател на Сојузот на писателите на Југославија (1961/64) и прв претседател на МАНУ (1967/1975).

Бил и дописен член на сите поранешни југословенски академии на науките и уметностите, како и почесен доктор на Универзитетот во Чикаго (1968) и на Универзитетот во Вроцлав, Полска. Учествувал во составувањето на првиот Правопис на македонскиот литературен јазик (1945), бил редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик (1961/66), а автор е на голем број студии за средновековната и современата македонска писменост и приредил голем број едиции на стари македонски текстови. Дела: Мостот (1945) Песни (со Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски, 1946) Од борбата (1947) Земјата и љубовта (1948) Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950) Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952) За македонскиот литературен јазик (1952) Песни (1953) Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954) Везилка (1955) Лозје (1955) Везилка (второ, дополнето издание) (1961) Речник на македонскиот јазик (1961,1965, 1966) Песни (1963), Историја на македонскиот јазик (1965), Стерна (Мисла, 1966) Песни (со Рацин, Вапцаров, Неделковски, Јаневски, Шопов, Г. Ивановски, Тодоровски, Матевски, Андреевски, Поповски, 1967), Ракување (1969) Јазикот на македонската народна поезија (1971)

ВЉУБЕНИ ДЕВОЈКИ

Тие имаат лице нежно осенчено,

Како да паѓа на него сенка од проѕирни лисје,

И лицето неусетно се издолжува.

Тие имаат очи зголемени, замислени и влажни,

Како да се плашат од секоја странична изненада.

Тие го наклонуваат така леко челото

Да го допрат до усните на саканиот

Што им се чинат тогаш како крилца од пеперуга

Застаната на тревка — за миг пред да одлета —

А тревката се наклонува.

Тие ги стрелкаат тогаш в преграб рацете

Очајнички смело, слепо и неминовно Како весла во разнишано море

Пред кое неволно замижуваме.

Боже, дали вистина некогаш сум го доживеал тоа?

3ИМЕН ДЕН

Бели се тие чорбаџиски дворје,
див костен во двор се наведува.
Од соба в соба шетка мека жена,
низ прозорец погледува.

Сонченце зимно! Јас во светлината
на зимен ден потонувам
и долго, долго за ноќ раскината,
за меко зборење сонувам

АНГЕЛОТ НА СВЕТА СОФИЈА

Ти којшто толку време мина

под малтерот на ѕидот мрачен,

пак слободен си в простор зрачен

– о сине тих на мисла сина –

со живот пак ти гори видот

и зори како небо ѕидот.

Но таа лика што се крие

под малтерот на мојте гради

и – утеха од дните млади –

по убост како сестра ти е,

не, нема мајстор да ја спаси, со мојот живот ќе се згаси.