
Гане Тодоровски (Скопје, 11 мај 1929 – Скопје, 22 мај 2010) — еминентен македонски поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што и докторирал. Бил долгогодишен професор по хрватска и македонска книжевност — 19 век на Филолошкиот факултет во Скопје. Бил уредник на книжевни, пишувал и филмски сценарија, а дебитирал со документарниот филм „Проштевање“ (1963), како косценарист. Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија, а во два наврати е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971) и одговорен уредник на списанието „Млада литература“. Член е на МАНУ од 1997 година. Автор е на 10 поетски збирки, 7 книги со книжевни студии и критики и многу публицистички текстови.
НЕРЕЗИ
1
Во секој заглед: Занемена големина!
Во секоја мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
2
Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на
самочувството
да те сочуваме.
3
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови невекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.
4
Витосни векови време во костец со забравата,
и — пак те имаме!
5
Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
6
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
7
Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај сè —
живееме, живееме, живееме.
Седум навраќања кон мотивот трепетлика
(од збирката „Спокоен чекор“)
1.
Зелени клепки несон.
Зелена, нема разбранетост.
Таа е лична средполка,
средполе сон прегладнета.
2.
Ставата и е зеленило пеперуги
пленети вечно во вишна вертикала.
3.
Прекопната за спокој, неспокојна се траќа,
трепери простум, се вѕира во облаците,
го следи патот, тагува по катунците
и ѕемне кога спотнат средлетните безветрини.
4.
Ја мачи ли безсоница, во уплав ли се тресе
грешно-прегрешна јаловица занесена?
5.
Крстеник да ми беше, со Немир би ја крстел,
немир-немирлика, неродна полска висотија.
Вечерник да сум, трепетот би и го брстел,
трепетот, показ на стравлива самотија.
6.
Колку е само плашливка, самата ќе ви рече,
везден треперење: Утрина. Пладнина. Приквечер.
7.
Им се заблазува на птиците
гнезда што свиле во неа,
на сонот, рожбите, починката им заблазува,
Несонка. Неротка. Зелена неспокојничка.