Матеја Матевски (Истанбул, 1929 –2018, Скопје) спаѓа во редот на  челниците на современата македонска литература. Во изминатите децении…тој создаде дела кои го легитимираат како автентична и неповторлива книжевна појава, како редок и стаменит творец, кој во нашиот духовен простор востанови високи естетски стандарди. Автор е на 24 стихозбирки, на 7 книги со критики и есеи, на над 60 книги преводи од повеќе јазици, како и на 4 капитални антологии од шпанската, каталонската и галициската поезија. Добитник е на значајни книжевни награди, а преведуван е на повеќе јазици. Во 2011, на јубилејните 50 Струшки вечери на поезијата му беше доделен Златниот венец.

ДОЖДОВИ

2. Песна

 Од каде о каде доаѓаш ти позната незаборавна

песно ти дете безнадежно ти наивно

стрело од тревите и птицо на калта

сува и бескрајна врвицо низ дождот

врвицо сребрена игрива камењарко

каде ме водиш

Секогаш наслутена во водите и мракот

ти гриво блага гриво груба

нерамнодушно смела

секогаш жилаво месо на земјата и ноќта

гриво остра сабјо немирна на виделото

по сребрената врвица на просторот

како зрак и како светкавица

Па однеси ме па однеси ме велам ти детство

однеси ме ти песно старост вечна и незаборавна

ти најголема илузијо без метафора

прозору неспретно отворен грубо длабок

за сите бои на вечноста

Однеси ме низ овој дожд ти врвицо

за да ме вратиш блага во овој пристан мал во ова нежно седало на сонот

ЅВОНА

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветерот
низ тревите подгонети.

Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сè. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.

Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.

Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сè е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.

Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.

Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сè боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.