Петре М. Андреевски (1934, с. Слоештица, Демир Хисар – 2006, Скопје) е македонски поет, прозаист, драматург, есеист и писател за деца. Работел во Македонската телевизија, бил уредник на „Разгледи“,член на МАНУ, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македониј, (од 1964 година, а во 1983 година бил и негов претседател). Година дена по неговата смрт, претседателот на Република Македонија – Бранко Црвенковски, постхумно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.Негови најпознати  дела се романот „Пиреј“ и стихозбирката „Дениција“.  Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.

КОГА ЈА ЉУБЕВ ДЕНИЦИЈА

Кога ја љубев Дениција,

како да калемев светлина на мракот,

како да топев снегови фатени во движење,

како да станував единствен сведок

за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,

како да му пронајдував брзина и на каменот,

како да ја одделував душата од телото,

како да го палев барутот,

на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,

како да внесував летен воздух во воздухот зимен,

како да ги откривав сите рудници на злато,

како да добивав телефонска врска со сонот

од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,

како што ги отворав пролетните аптеки, сместени во гласот од славејот

како што славејот ги спријателуваше

небото и земјата,

како што таа ми ја одземаше тежината,

додека трчав кон неа,

како што не можев да видам ништо освен неа,

како што таа живееше додека јас умирав,

како што и јас не знаев како би умрел,

ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,

како да учествував во создавањето

на првата Македонска Држава.

ПРВО ПИСМО

Ништо не е повидливо

и ништо не е поприсутно од твоето отсуство:

ни детските шепоти што ги откривав

во сеидбите на дождовите,

ни закажаната бура во пајажините

од крајпатните меанчиња,

ни воздушните патишта, осветлени од ластовиците

ни она што добива форма само во мојот слух,

ни мојот слух додека во него задоцнетиот штурец

го навиваше својот ноќен часовник,

ни родилните маки на фрленото семе,

ни разгорениот пожар на главата од петелот

додека бега од сенката што слегува од небото,

ни просторот што ми остана меѓу твоите раце,

меѓу твоите два припека,

ни змијата што го возбудува врвот од житата,

ни снежните намети и налети во афионовите полиња,

ни пламенот што надојдува, како есенска магла,

во низата од пиперките,

ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот,

ни притаената светлина во купениот кибрит;

ништо не е повидливо од твојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мене.