Раде Силјан е роден на 16 април 1950 година во с. Жван, Демирхисарско. Дипломирал на  Филолошкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како новинар во„Студентски збор“, „Наш свет“, „Железничке новине“ и Радио Скопје. Бил главен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на „Македонска книга“. Исто така, тој е основач и директор на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Член е на ДПМ од 1982. Во два мандати бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, како и претседател на Собранието на ДПМ. Автор е на 25 поетски книги, 12 книги со критики и есеи и добитник на највисоките наградите за поезија:  „Ацо Шопов„ и „Димитар Митрев„ како и за критика на ДПМ и „Браќа Миладиновци„ на Струшките вечери на поеизјата, но и на многу престижни признанија на Балканот и во Европа. Преведуван е на повеќе јазици.

ШТО ЌЕ РЕЧАТ НАШИТЕ ВНУЦИ

Што ќе речат нашите внуци

За нас и за нашите заблуди

Ги продадовте коњите

Уздите и потковиците

Ги загадивте изворите

Реките и езерата

Ги угаснавте старите фенери

На глуви уши спиете

Ни ги украдовте насмевките

И на кочија од сказни патувате

Ах, што ќе речат нашите внуци

За нас и за нашите заблуди

Го извалкавте образот

Ја испоганивте устата

Ги продадовте тапиите

Нè бележавте со пален знак

На провев нè оставивте

Ветрот да нè вее

Но што и да речат

И да преречат нашите внуци

Ние нема да им одговориме

Зашто во мумии ќе се претвориме

СТАРА КУЌА

Нашата стара куќа

Од дамнина градена

Ветрот јужен ја лула

Длабоко во темелите

Мајката на нашите мајки

Со векови спие

Нашата стреа

Со отворени прозорци

И сончеви чардаци

Во своите широки одаи

За поколенијата свои

Божји дар чува

До нашата стреа

По скалите на животот

Денот и ноќта бавно одат

Светлината и мракот

Во тајна книга

За љубов молат

НЕБЕСНА ОДАЈА

Си пее поетот

Приспивна песна

Крај него ползи

Нечија сенка

Глава побелена

Тагува за својата младост

А народот молчалив

Моли за земните убавини

Сенката вљубена

Во тајните на животот

Пред царски одаи чека

Ветрот јужен порти да отвори

Поетот молчалив

Со слика и збор

Во небесна одаја

Без поздрав си оди