Радован Павловски (23.11.1937, Ниш, Србија) е македонски поет, есеист, патеписец и публицист. Во Македонија живее и тука го завршил своето образование, иако живеел и во Загреб (1964-1982) и Белград (1982-1985). Член е на МАНУ, Друштвото на писатели на Македонија, Македонскиот ПЕН центар. Автор е на 32 дела (најголем број поетски книги, но и патеписи и есеи) и повеќе собрани дела. Добитник на значајни книжевни награди меѓу кои: Браќа Миладиновци“,„11-ти Октомври“, „Кочо Рацин“, „Ацо Шопов“ и други. Неговата поезија е преведена на над 50 светски јазици, а добитник е и на значајни меѓународни признанија за неговото дело.

МАЈА

Тоа беше како проклетство што дење гледав ѕвезди.

Ти се приближував и моите прсти се полнеа мрак и говор.

Како скитник се плашев да легнам на патот сам и да заспијам

оти царски мрави можеа да ме сретнат и да ми ја распарат кожата.

Но, ти ме качуваше во воздухот

и како птица стоев на врвот од твојата кула

а пред мене мојата душа го гаснеше громот

што светкаше во облаците.

Одбравме место. Широко место за градини и ѕвона.

Јас влегов како берач во градината полн со свиркања

а ти полна со овошје.

Околу нас забележав траги на крадливци.

Зората врвеше меѓу прстите.

Штурците под земја закопуваа бело цвеќе

да не остане зимата без убавина.

Тоа беше како проклетство што дење гледав ѕвезди.

Го расчистував патот да не ти се случи зло.

Во воздухот го слушавме плачот на нашиот пород.

Уништував секакво друго богатство

за да се види нашето чисто богатство

со пожар во срцето.

Рацете ги постилав по земја оти доаѓаше ти.

О, горделиви ѕвона што го разнишавте небото

намирисано со мајкина душичка.

Врати им го тој модар камен на водите

во чија кутија е затворен цутот на тревите,

плимата на морето.

Моето срце зрееше со житата.

 Сонцето во попладневните часови оживува болест во собите.

Ставив цвет да го цица воздухот,

во ливадите се бореа јунци, наоколу мирисаше на војна,

невидлива војна, потем свадба оти јас и Маја бевме родени како крал и кралица.

Венчани од плимата, упропастени од дождовите.

Црвено овошје нѝ ја осветлува постелата.

Една сенка од чумата застанала на мојот прозорец,

сенката што нѐ сокриваше кога потајно се состанувавме во шумата.

Тоа беше месец кога жолтиот цут на дреновите капеше над снегот.

Тоа беше месец на нашата љубов.

Месечината како црна калуѓерка се шета во високо цвеќе.

Земјината тежа ја прашувам:

„Каде се скри? О, Мајо – роса и оган!

Да порасте лебот, да прекипе млекото над огништето!“

Залудно,

една драматична сенка од театрите

се шета изгубена по патиштата.