Ристо Лазаров е (1949 год., Штип) е поет, преведувач, критичар и есеист. Завршил југословенска книжевност со македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Работеше како новинар. Бил генерален директор на Новинската агенција  Танјуг. Бил и главен уредник на меѓународното списание Балкан форум во кое свои прилози објавуваа Гинтер Грас, Чеслав Милош, Јосиф Бродски, Ханс Магнус Енцесбергер, Лешек Колаковски, Адам Михник и други врвни интелектуалци од целиот свет. Од 1997 па сѐ до 2014 година беше директор и главен уредник на националната телевизија Телма. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1972 година. Бил претседател е на Македонскиот ПЕН центар. Член е на Чешкиот ПЕН центар. Има објавено преку 30 збирки поезија и раскази. Превел на македонски јазик десетици значајни дела, претежно од балкански писатели. Неговите книги се преведени на повеќе јазици.

ЦЕДЕНА НАСМЕВКА

Дамата на соседната маса

нарачува сок од цеден портокал.

Ние малку побучно

ги исправаме сите кривини

во светот: од урнисувањето

на Блискиот Исток и

создавањето калифат,

до исмамистичките терористички акции

што ја тресат Европа. И за кризата

со бегалците, и за обидот

за државен удар во Турција.

Мигрена од сонување на јаве,

ја крсти некој нашата состојба.

Од мирот остана само миросувањето

пред новите битки и нобеловците

за мир, ако некои од нив воопшто се тоа.

Светот станува големо ергеле

на разулавени коњи, спрегнати

еден по друг, кајшто галопираат

и отаде апокалипсата. Светот

е и тажна слика на бескрајни колони

бегалци нарамени со големи и мали

гајлиња во бовчите што ги понеле

напуштајќи ги сопствените огништа.

Голем мозаик на ужасот е станат светот.

Пак е на очи Хекторовата смрт

и тагата на Андромаха. Воскреснува

темата на жртвите и саможртвите.

Расте, до невидени размери,

бројот на глинени гулаби.

На нишан се, како елени

во античките митови.

Расте и бројот на надгробни плочи

со неодгатливи звуци.

Дечињата лижат чоколаден сладолед

а нам ни треперат рацете.

Ни треперат и душите напикани

и самите не знаеме каде.

Сеевме цвеќе и босилек,

а никнува, ете, чичек и капина.

Неоти некој го слуша отчукувањето

на големиот часовник на историјата.

Дамата на соседната маса

си го испи сокот од цеден портокал

и минувајќи покрај нашата маса

(чекореше како Мерилин Монро)

како да сакаше да ни каже нешто

ама само ни се насмевна,

најсожалувачки што може