Светлана Христова Јоциќ (1941, Ресен-2012, Скопје) најголемиот дел од својот реботен век го поминала како новинар во Македонското радио. Член на ДПМ беше од 1971 година. претседател на ДПМ и покренувач и претседател на меѓународната манифестација Македонски духовни конаци, беше главен и одговорен уредник на гласникот „Портал”, како и член на Македонскиот ПЕН центар. Зад себе остави богат и значаен поетски опус кој со вредностите и спецификите зазема забележливо место во современите текови на македонската литература. За своето творештво добитник е на високи признанија, меѓу кои се и наградите „Браќа Миладиновци”, „Димитар Митрев”, „Ванчо Николески” и „Книжевен жезол”. Автор е на 20 книги поезија и на еден роман.

ДА СЕ ОСЛОБОДАМ

Зошто не ми дозволувате анималност,

зошто не: воен инстикт, освојување;

зошто да не ја обожувам страста?

Дозволете ми ги осветите, лукавствата

лутините, сладострастијата!

Зошто не ми доверувате сознанија и мудрост,

зошто не ми давате моќ да поставам цели!

Целта да биде точката – вон Умопретставата,

Целта е кај зборот што е над секој звук!

Зошто се плашите да не го засакам злото?

Да не ги љубам демонските обреди.

Со надумни средства умот се шири!

Зошто да не создавам мит, “чудесна невистина” – мит за новиот век?

Зошто не, средба со ирационални зборови?

Зошто предупредувањето: ако ти се јави

Нешто натприродно, отвори очи и извикај:

“Не сакам да го видам!

Не сум достоен да видам,

ако ова видение е од Бога”.

Зошто одвраќање од демонското заведување?

Дозволете му на се што се влива во мене,

што нурнува во телово.

Дозволете му на ликот на зборот сам да се образува!

Дајте ми упорност да не се плашам од опасности.

И од скок мртовечки.

Во непознатото и во неочекуваното

да не застанам на половина пат.

И да не паднам во малодушност, срџба и очајание!

Напор, вртлог и бесмисла, дајте ми –

да летам и да не паднам,

како тешка птица да летам право,

како гавран не кривејќи се, не виткајќи се …

Дајте ми волја, уживање, властољубие, себичност

Љубов дајте ми!

Преумножете се што ќе ме истроши.

И – да се ослободам