Тодор Чаловски  (1945-2015) е истакнат современ македонски поет и писател. Пишувал поезија, книжевна критика и есеистика, а се занимавал активно и со литературен превод и препев. Автор е на десетици книги поезија, застапуван е во бројни антологии и други претставувања на македонската поезија и литература во земјава и во странство, а негови стихови се преведени на петнаесетина јазици. Бил секретар и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, член на Советот на Струшките вечери на поезијата, член и на Македонскиот ПЕН-центар и на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, уредувал неколку списанија и публикации и бил главен уредник на книжевната ревија „Стожер“. Чаловски бил и лектор по македонски јазик и литература на Универзитетот во Крајова (Романија). Основач е на Книжевната колонија во Галичник.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Во него одеднаш ми се укажува стамно
целоста на земјата, мојата целост
Ја крева стреата, го распознава денот
во сонот што само нас ни се насмева
и така гласот ги има сите бои
и во него љубовта најубаво ни гори

Од секој збор негов стебло разлистува
свишено од родословот, од извесноста своја
над кое секогаш трепери по една ѕвезда
што ни го кажува патот, чија светлина
сал на македонски да се опее може
и мечтите од неговиот пев да нѐ згреат

Тоа е најубавото огледало на мојот народ
со кое на несмерт е осудена неговата душа
чиста во својот корен, библиски расеана по светот
го отсликува звукот на битието свое
долгиот пат до с’ржта на празборот сопствен
во кој премногу плодови за берење има

Сето цвеќе во него нежна воздишка остава
за секој намерник, за сета правостоина
на која од малена сме ѝ заветени
кога во крвта ни отчукува време непознато
и кога постоиме со сите предци и потомци
скриени во него – откриени во нас Сега и сонцето негово нѐ подучува
да го чуваме ко лебот наш насушен
и колку е неопходно искачувањето до врвот
од кој вознесено можеме да ги видиме
раскласаните семиња во нашите дамари
од чиј порив и самите сме се подмладиле