Ана Стојаноска (1977, Прилеп) театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија. Авторка е на деведесет студии и есеи, една поетска книга (добитник на Антево перо 2020), три романи од кои за еден има добиено рациново признание 2017, една драма и 4 книги со есеи и критики. Нејзината монодрама Стаклен лампион е праизведена во продукција на Театра – Скопје, 2013. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 2019. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот.

***

Ќе ги напишеш сите причини зошто:

Зошто е подобро да не притискаш,

зошто е подобро да не бараш повеќе,

зошто е подобро да си ко другите,

зошто е…

И ќе одмолчиш.

*

Нема да кажуваш гласно и силно „те сакам“,

нема да се радуваш како мало дете на летен дожд,

нема да сакаш сè и веднаш,

и ќе одмолчиш.

*

Ќе им најдеш причина на сите

неразумни – треба да бидеш површен

ко другите – мисли,

ќе ги сместиш централно

и ќе го оладиш срцето.

*

Потоа скришум, само скришум,

ќе му се радуваш на ветрот,

и ќе го сакаш светот оддалеку.

*

Некои кули не се од тули

иако се исто толку цврсти.

*

Ако не те тера да се смееш гласно,

ако не ти прави да скокаш највисоко,

ако не ги смислиш сите неможни лудости,

како имаш право да го наречеш тоа

Љубов?

*

Некои луѓе се само огледала

и тоа нема никаква врска со метафизика.

*

Добар си? – не вреди ако не го мислиш.

Чувај се – не треба ако не е сигурност.

Тука сум! – е само празен збор ако не е од душа.

*

Некои приказни имаат само среќни почетоци и тоа нема никаква врска со тебе.