Борче Панов е роден е во Радовиш, Република Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година, како и претседател на меѓународната книжевна манифестација „Караманови средби„. Во два мандати бил член на птетседателството на Друштвото на писателите на Макеоднија. Неговата поезија е застапена во повеќе анталогии и панорами на современата македонска и во светот во преку 50 светски антологии за поезија на триесетина јазици. Досега ги има објавено 17 поетските книги од кои пет во странство и една книга со драми.


КАЛЕНДАР НА ПТИЦИТЕ

Едно жичено петолиние

низ бескрајот на снегот се протега.

Едни до други,

ги слушам нотите што не се преселиле на југ.


На другиот крај од тишината,

деновите на пролетта и летото

се наредиле врз гласните мои жици.


Поетот не може да биде овде, ако не е таму.


Во календарот на птиците,

истовремено сум и овде и во далечините –

овде семчиња  во куќичките за птици оставам, а таму повторно учам да летам.

СВАДБЕНИ БОНБОНИ

Убава е како одмотано бонбонче,

велеа канесчиките за на свадба

за младите невести од нашите фамилии.


Баба Дежа – рано останата вдовица,

не го сеќаваше животот година за година,

туку свадба за свадба.

Таа ги редеше во старинскиот креденец

невестинските бонбончиња од Бацирака

и за нив велеше дека тие се нејзините чеда,

зашто бесчедна беше таа.


Кога ќе умрам раздадете ги за душа,

нека ме паметат по сите ваши свадби,

ни рече, кога ќе ја прашавме зошто ги чува

тие тантелести свадбени бонбони,

украсени со ситни цветчиња,

како сè уште неродени дечиња.