
Вања Изова Велева е македонска поетеса, есеист и публицист од Струмица. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата Македонска книжевност со јужнословенски книжевности. Магистрирала на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на студиската програма Културолошки студии во книжевноста, и се здобила со звање магистер по културологија. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Автор е на 10 стихозбирки како и на прозните записи Неколку легенди за Струма, 2011 г., на книгата Жената и каменот, 2013 г. (магистерски труд), како и на документарен филм за Дојрана. Коавтор е на монографското издание Чекори по ѕвездените штици. Застапена е во повеќе антологии. Дел од нејзината поезија е препеана на англиски, француски, српски, словенечки, шпански, бугарски, полски и руски јазик.
ДОДЕКА ИМА ВРЕМЕ
Додека сè уште има време
затвори ги очите и слушај…
дури и оние што молчат
имаат што да кажат.
Додека има време
од таванот најди ги
заборавените кутии
полни скриени спомени и нурни се во нив
дури и прашината памети.
Важно е додека сè уште има време
птиците од твоето маало
да одморат од сечењето воздух
оти ова парче е заедничко.
Има уште малку време
да правиш врева,
и чекориш гласно
оти гласот се слуша
кога е силен,
а чекорот кога е гласен.
Време е да го чуеш премолчаното
и излезеш од спомените
оти таму одамна си бил и повеќе немаш време.