Весна Мундишевска-Велјановска (1973, Битола) е член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“. Автор е на 13 книги поезија, 2 книги со критичко-есеистички текстови и коавтор на книга поезија за деца, а (ко)автор е и на 7 стручни книги. Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Уредила повеќе списанија, книги и зборници. Застапувана е во антологии во земјата и во странство. Добитник е на награди. Наградата „Караманов“ ја освои во 2007 г. за книгата „Вибрации на духот“.

реПРОДУКЦИЈА

Како камче сме

фрлено во водата

на растопените снегови

од пирамидата на поколенијата. 


Како стог концентрични кругови

се лизгаме по меѓникот

на мултипликацијата

на вековите –

круг во круг,

еден до друг,

еден по друг,

во еден друг,

                      подруг

простор

кој ни го плакне смогот

од бреговите на желудникот

со свежината

на заборавеното уживање

во мигот.


Во крошната од дрвото

од островот на дворот

вкоренето во грбот

на желката на безвремето,

празниот простор на човекот-сенка

нараснува како меур сапуница

кој навлегува во срцевината

на нечија туѓа граница

за да наѕре во внатрешноста на паралелноста

или да се распрсне во бесмисленоста.


Пак некои камчиња ми ги брануваат

водените пространства

под вулканот во душата.


А можеби сега,

токму сега,

во повторливоста

на некоја линеарна бесконечност,

баба ми со машата

го расчепкува мангалот на вселените.


И можеби сега,

токму сега,

во некоја паралелна идност,

и моите внуци

го приготвуваат слаткото од дунки

што го правам по рецепт од мајка ми,

која го запишала од мајка ѝ,

додека си ги рендам мислите

со вкус на еден сладок недостиг

кој лебди како кристална аура

околу иконата на спомените.