Даниела Андоновска-Трајковска (3.02. 1979, Битола) е поет, прозаист, книжевен критичар, уредник на списанија, доктор на науки и редовен професор на Универзитетот Св. „Климент Охридски“ Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, „Битолски книжевен круг“, на повеќе меѓународни професионални тела и уредувачки одбори на списанија и конференции, член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет), главен уредник на списанијата „Раст“, „Современи дијалози“ и уредник на „Книжевни елементи. Има објавено над 100 научни трудови, книжевни рецензии и осврти, 9 поетски книги, една книга со раскази, една коавторска песнарка-сликовница и еден универзитетски учебник. Добитник е на значајни книжевни награди .


ИЗГУБЕНА ДНК

Во ракавите ни плаче времето на Ноа

додека го гледаме северот како расте

на карпата зад нашиот поглед

криејќи го животот

што патува низ времето барајќи смисла


Нашата ДНК

не сака да се соблекува повеќе пред нас

и стануваме безнадежно бездомни

изгубени во океан од солзи

изронети од градите наши


Мирисот на бор нѐ чека во игличките

далеку далеку од тука

на островот без трње

недопрен од човек


Нашиот гулаб

сѐ уште ни се нема вратено

со свежо набран маслинов лист


Чекајќи да се родиме повторно

скитаме наоколу од една секунда до друга

од еден брег до друг

од еден сон до друг


фасадните тули

му ја раскажуваат на светот

нашата изгубена приказна

без лице

АВТОПЛАГИЈАТИ

Влегуваме во нашите приказни

на слепо

не насетувајќи ја фабулата

скриена во јадрата што го плетат сижето

и во ликовите кои страстно нѐ играат

во договор со актерите

на отворена кружна сцена

среде осудувачка публика


гласот на суфлерот исчезнува во завесата

завесата ги затвора дијалозите и дидаскалиите

во еднособен стан затрупан со лажна надеж

и обесен на една висококатница


висиме 20 метри над своите тела

и не знаеме дека сме автоплагијати

на една животна драма

која секој миг може да заврши

без расплет