Иван Антоновски (1990, Скопје) – поет, есеист, книжевен критичар, преведувач и публицист. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на неколку поетски книги, книжевни преводи, две книги со студии и есеи за книжевната теорија и македонската книжевна историја и др. Коприредувач е на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (2012) и на антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“ (објавена во превод и препев на српски јазик, 2014). Бил колумнист, уредник и надворешен соработник на неколку македонски електронски и печатени медиуми. Уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Бил визитинг-предавач на неколку образовни институции. Добитник е на неколку книжевни награди, како и на неколку општествени признанија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија.

РЕКАТА ПАМЕТИ
 
Дури седиме крај реката,
навидум внимателно го слушаме
отсуството на нашите гласови.
Во себе се надвикуваме со брзаците,
за да го чуеме она коешто
никогаш не сме го изговориле.
 
За да разговараме
за историјата на сегашноста,
заминуваме онаму каде што
ни се чини дека реката не може
да биде погласна од нас.
Внимаваме да не изговориме нешто
пред да ни се пристори дека таа
е веќе доволно далеку
за да не ни се вмеша во разговорот.
 
Сами на себе се оправдуваме
за стореното бегство,
велејќи дека од неа не можеме
да го разбереме кажаното.
Во разговорот забораваме на она
коешто сакаме да го чуеме
дури се обидуваме во себе
да ги надвикаме брзаците.
 
Се убедуваме дека
ништо не е премолчено.
Враќајќи се дома,
одново седнуваме крај реката,
за да се фотографираме насмеани
– да им се пофалиме на оние
коишто одамна не ги интересира
за што требало да разговараме.
Спомен од уште една недореченост
– ќе биде дел од нашата историја.
 
Кога фотографијата ја ставаме
во наследените семејни албуми,
повторно ја слушаме реката.
И повторно, во себе
се надвикуваме со неа…
 
Ја снемува насмевката
од фотографираните лица
на кои веќе има брчки.
Реката памети…
Го памети и она
што никогаш не сме го изговориле
– можеби ќе го однесе во езерото
во кое нашите деца ќе треба
да научат да пливаат…