
Ице Беличев е роден на 17.05.1982 во Струмица. Дипломира на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, а работи како професор по македонски јазик и литература Тој е поет, текстописец и голем поддржувач на секакви поетски и културни манифестации ширум земјата, но и надвор од неа. Има објавено две поетски збирки, а негова поезија е објавувана во голем број литературни списанија. Учесник на голем број поетски фестивали во земјава и надвор од неа, како и добитник на многу награди и признанија.
САКАЊЕ
Си посакав пролет за себе
да ја распостелам врз снегот дамнешен,
мирис на кокиче, зумбул, вртипоп…
зеленило под стапалата
место смрзнати сокаци,
мраз на трепките
и извалкана белина.
Посакав запролетена врева,
растрчана насмевка
место измрзната тишина.
Филхармонија од птици,
мелодија за душа,
а слушав соло – изведба на стариот гавран
закатанчен на старите ќерамиди.
Посакав пролетно синило над мене,
виножито после краткотраен дожд,
свечена руба за празник…
Молкум си посакав,
а молња ми ја искорна пролетта,
разнесе сакањето.