
Кристина Николовска (17.05.1969) е поетеса, писателка, универзитетска професорка, теоретичарка на литература, литературна критичарка, есеистка, авторка на тв-проекти, менаџер на кампањи. Автор е на седумнаесет книги: поезија, теорија на литературата, литературна критика, есеистика, толкувања, беседи, монографии, филозофски разговори. Приредувач е на антологии и поетски избори. Живее во Скопје и работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како редовен професор. Раководител е на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, актуелен член на Претседателството на ДПМ и секретар за меѓународна соработка.
Автор е на ТВсеријалот „Разговорница“ (2007), член е на Организацискиот одбор на меѓународната литературна манифестација „Рацинови средби“ во Велес. Добитник е на неколку книжевни награди: Млада Струга (1988), „Димитар Митрев“ (ДПМ, 2016), Златен орев (2018) и Караманов 2020.
КАТАХРЕЗА
Сите фигури се деца на катахрезата…
Прафигура…
Погрешна или несоодветна
употреба на фигурите
И така целата цивилизација
гради свет, и тоа раскошен
творечки свет
врз „изневери“ на зборовите,
на ситагмите, на комбинациите,
на значењата меѓу нив
Сите луѓе се деца на отстапки…
Љубовни, страстни, договорени,
ветени, изветвени, изневерени
И какви ли се не…
И така целото човештво
гради свет, и тоа буен
креативен биолошки свет
врз тие отстапки…
Само ние,
се прашуваме
што е сето тоа…
СЕНКИСенки…
Во душите ни
Во домовите ни
Безмилосно растат…
И пука веќе одајата
на совеста и сеќавањата
од умноженија на сенки
Нагризани
А ние сме далеку од нашиот топол мирис…