Никола Маџиров (поет, есеист, преведувач) е роден 1973 година во Струмица, во семејство на бегалци од Балканските војни. Неговата поезија е преведена на четириесетина јазици. За книгата „Преместен камен“ ја добива поетската награда „Хуберт Бурда“ за автори родени во Источна Европа, како и наградата „Браќа Миладинови“ на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите награди се и „Студентски збор” за дебитантска книга (1999), наградата „Ацо Караманов” на Карамановите поетски среби (1999), како и „Xu Zhimo Silver Leaf” наградата за европска поезија на Кингс Колеџ во Кембриџ, Велика Британија (2016). Американскиот авангарден џез-музичар Оливер Лејк и италијанскиот композитор на класична музика Анџело Инглезе компонираa музика врз основа на неговите стихови. Добитник е на неколку меѓународни книжевни стипендии.

ОДВОЕН

Се одвоив од секоја вистина за почетоците

на стеблата, реките и градовите.

Имам име што ќе биде улица на разделби

и срце што се појавува на рендгенски снимки.

Се одвоив и од тебе, мајко на сите неба

и куќи на безгрижноста.

Сега крвта ми е бегалец што припаѓа

на неколку души и отворени рани.

Мојот бог живее во фосфор од чкорче,

во пепелта што го чува обликот на пресеченото дрво.

Не ми треба мапата на светот кога заспивам.

Сега сенка од класје жито ја покрива мојата надеж,

и мојот збор е вреден

како стар семеен часовник што не го мери времето.

Се одвоив од себе, за да стасам до твојата кожа

што мириса на мед и ветер, до твоето име

што значи немир што ме успокојува,

што ги отвора портите на градовите во кои спијам,

а не живеам. Се одвоив од воздухот, од водата, од огнот.

Земјата од која сум создаден

е вградена во мојот дом.